Руската православна црква поврзана со Кремљ создава и ракводи приватни воени компании (ПВК), кои регрутираат и обучуваат борци за распоредување во Украина, открива Службата за безбедност на Украина (СБУ)
Руската православна црква со која чиноначалствува патријархот Кирил, близок пријател и апологет на рускиот диктатор, добива средства за овие активности од финансиски и индустриски групи блиски до рускиот претседател Владимир Путин, соопшти СБУ. Овие средства наводно се донирани како „добротворни прилози“ за „изградба на цркви“, пренесува Кијив индипендент.
Еден пример на црковен ПВК именуван од СБУ е организацијата „Крстот на Свети Андреј“ со седиште во поморската катедрала Кронштат во северозападна Русија.
Рускиот медиум Блокнот објави за активностите на „Крстот на Свети Андреј“ минатата година, нарекувајќи го „првиот ПВК под Руската православна црква“. Групата, наводно, била формирана во 2017 година за да обезбеди воена обука за регрутите на други платенички компании.
Игуменот на катедралата Алексеј во коментар за руските медиуми негираше дека Крстот на Свети Андреј ќе биде платеничка компанија, велејќи дека тој само ги учи младите и возрасните на вештините за идната воена служба.
Според СБУ, ПВК со седиште во Кронштат регрутира локални парохијани, првенствено оние со воено искуство, и им обезбедува обука за борбено распоредување во Украина.
Инструкциите се изведуваат на теренот на катедралата или во специјализирани објекти за обука во соработка со руските специјални служби, соопшти СБУ.
И покрај тоа што се нелегални во Русија, Кремљ широко ги користи за воени напори во Украина и за промовирање на руските интереси во други региони во светот, како што е Африка.
Најозлогласената група е компанијата Вагнер, основана од сега покојните Евгениј Пригожин и Дмитриј Уткин. По нивното распоредување на источниот фронт на Украина, борците на Вагнер започнаа краткотрајно востание против руската влада во јуни.
Д. Мишев / Цивил Медиа