На игри на среќа, односно казина, онлајн казина, лотарии и слично, во првите осум месеци од годинава, Грците потрошиле 22,7 милијарди евра, според податоците од Комисијата за надзор и контрола на игрите, кои ги пренесува грчкиот весник „Катимерини“, јави дописничката на МИА од Атина.
Весникот коментира дека драматично се зголемуваат износите што Грците ги обложуваат на игри на среќа, со што годинава се предвидува дека вкупниот промет на конкретниот сектор, што има значителен придонес во даночните приходи, ќе постигне нов рекорд, бидејќи има зголемување за 28 отсто споредбено со истиот период лани.
– Минатата година, на игри на среќа Грците обложија 29,2 милијарди евра, износ што достигна 16 милијарди евра во 2019 година, пишува „Катимерини“.
Во периодот јануари – август, најголемиот дел на обложените средства, речиси 17 милијарди евра се однесуваат на онлајн обложувањата и игри на среќа.