Пишува: ЕМИЛИЈА ЦЕЛАКОСКА
Со колку лесна рака денес во демократија (каква-таква) некои говорници зборуваат за високи критериуми за структурните основи на општествово како што е правичноста. Таа, која упорно сомнително кога ќе кажат „правда“, за едни значи „одмазда“, а за други – „специјална привилегија“. Истата, која со масовното прислушување, носењето неправични закони и апсења беше измалтертирана до смрт, сега се бара да е на ниво на Кантовска Барби, а таа уште не може да оздрави од истата стара лепра од времето на заробеното општество. Се разбира дека идеалот (Кантовската Барби од правичност) е казните да бидат непристрасни и да служат за изедначување на секој граѓанин пред судот при што правичноста како идеал да претходи, да е услов за напишаното во законите. Само што овде, секојдневното опевање на идеалот за правичност кај нас, добило својства на вештерката-кралица од бајката за Снежана – и грда вештерка трујачка, и убава кралица која суетно му го поставува прашањето на огледалото кој е најубав на светот. Односно, намерите на нашиот говорник при контрастирањето на убавата Кантовска Барби со „правдата“ во нашето општество се грди и отровни, затоа што заведува и спроведува платонски вознес за, како огледалото, да си речеме „да, идеална правдо, најубава си“ со поента да ја мразиме нашата лепрозна пациентка во реалноста која долго го чека својот лек. Тоа е и пропагандниот отров: Контрастирањето е добра алатка за решавање проблеми кога се однесува на блиски градации на алатки кои ни се потребни, но знае да биде и многу штетно кога служи за компарација на големи спротивности, а во која се вклучени индивидуи или колективи, бидејќи не води до чекорчиња за решавање на проблемот, туку само создава анксиозност од контрастот, во кој лошото изгледа уште полошо, а доброто – недостижно.
Тоа што ова општество уште не стигнало до тој, близок-до-идеалот стандард, не кажува дека е толку назадно што не го бива, не го бивало и нема да го бива, како што уживаат да заклучат говорниците. Настрана што ваквите заклучоци влегуваат во отровот. Тоа е, меѓу другото, и да не помислиме случајно дека нашите говорници и медиуми се необјективни – црните „прогнози“ вештачки се туркаат за критериум за објективност, а оптимизмот вештачки го резервираат само за наивните, нереалистичните, пристрасните, или ете, чувај-боже – необјективните. Што значи, за да излезеш во јавност со тврдење, според овие вештачки критериуми, тоа мора да е црно-депресивно за да звучи реално. Но, тврдам дека тоа е само воспитание и навика, навистина, реалноста не може да е постојано црна и нерешлива: Најмалку е пола ваква – пола таква, и тоа, пола-пола е случајот кога не вклучуваме мозок во равенката (не знам кој носи рандом одлуки, со фрлање паричка, на пример). А со вклучен човечки мозок, редовно со способност да бара решенија (до одреден степен тоа го има дури и кај животните!), реалноста е повеќе на светлата страна. Не случајно се вели проСВЕТИтелство. Ова значи дека медиумската пропаганда има за цел да ги зголемува „можностите“ на темната страна на нерешливоста со помош на психолошка алатка, правејќи комплекс од барањето решение или исмевање на надежта за решение.
Оваа компарација меѓу идеалното и тековното од нашите говорници е во иста насока како во случаите на лошиот однос родител-дете-наставник во едукацијата: Некои родители го фрлаат во депресија своето дете кога носи лоши оценки и вршат притисок врз наставникот, наместо дневно да посветат макар 1 час во градење на структурата која ќе овозможи поголем успех. Сепак, во основа, и покрај извитоперените проповеди во етерот за идеалот на правичност, самата свест за идеалот укажува дека имаме предвид како треба да изгледа правичноста и како народ не заостануваме зад други во сфаќањето што таа значи, така, за идно небивање не може да стане збор. Се препознаваат во пропагандата елементи и техники кои се обиди за фиксирање на стандардот на правичноста кон нешто што личи на „линч“, „мило за драго“, „одмазда“ итн., во која се крие поттик да мислиме кој ќе биде „одмаздникот“, а кој „жртвата“, нешто тотално спротивно на правичност.
Но, тука почнува вториот чекор во пропагандниот алгоритам. Има уште едно вртење кон црно со следната „мајсторија“ на заклучување: „Кој е виновен?“ Одеднаш ни се сервираат личности со наметнување карактеризации, небаре тие говори за нечии особини се истражувачки факти од лабораторија или од документирана истрага за неа. Се поместува вината во личности, како да е таа фигуричка на табла или игла за вуду-кукла. И на крај, користејќи го бајасот за хало-ефект (тип на secundum quid недоследност), нивното опкружување (или како што кратко велат – „власта“, на пример, или институција итн.), би морало да биде целото „никакво“, како и таа личност. Според овој правец на пропагирање, оваа власт е виновна, затоа што не ја излечила нашата „правда“ до Барби-состојба од правдоцидот во груевизмот – велат парадоксално баш приврзаните на груевизмот, или, пак, оваа власт е виновна затоа што не ги користи истите груевистички правдоцидни методи врз денешната кочничарска петта колона во институциите.