Пишува: БРАНКО ТРИЧКОВСКИ
Понекогаш ми е мака по средбите со луѓето.
Со кои било луѓе.
Често, да не речам секогаш, мислам дека сум зборел тоа што не сум смеел да го зборувам, но не поради страв дека сум кажал нешто што не сум смеел да го кажам, демек некоја своја или туѓа тајна, туку дека сум зборел и работи за кои не мислам така како што сум зборувал. Или на ниво кое ми прилега. Дека некои работи сум пропуштил да кажам, а за други сум зборел премногу гласно, а премалку паметно. И дека сум зборел работи кои тие или не можат или не сакаат да ги разберат, демек, моето говорење и потрошено време, немале смисла и од тој аспект.
Не знам зошто и како се случува тоа, дали од што сакам да бидам фин со луѓето на необичен начин, драстично отворен, контра вообичаените и општоприфатени стандарди, да бидам интересен и забавен, самиот себе да се заебавам, а нив да ги забавувам, важно, кога ќе се приберам дома се чувствувам непријатно и во сеќавањата барам докази за тоа дека мојата непријатност, ,всушност нема реални основи.
Сузан Сонтаг страдала од истиот синдром. Гомбрович, пак, намерно правел глупости или говорел високи филозофии и ја исмејувал
аргентинската аристократија за да ги провоцира соговорниците кои ги гледал од високо и ,всушност, ги потценувал. Малапарте исто така бил надуван и комуницирал само од позиција на супериорна личност, но и тој паѓал во фази на длабоко преиспитување кои завршувале со идејни и идеолошки лутања кои завршувале со нови ретроспекции и ревизии, дури со премин во католицизам во последните часови пред смртта.
Македонија не е убаво место за паметта. Таква ја направивме. Нема човек со кого муабет да направи и да го оправда тоа со малку смисла. Никој ништо ме преиспитува. Сите мислат дека се во право и не прифаќаат никаква аргументација или знаење што ќе ги облагороди. Едни исти плачипичести тралалајки.
Тоа ни го даде нашата глупава борба за идентитетот и – вмро! Вмро ја донесе и ја прошири културата на глупоста како темел на борбата за идентитетот. Црешовото топче од новата генерација. Македонија е окупирана од сопствената глупост и од сопствените глупаци. Не само во политиката. Кафеаните се полни со идиоти, автобусите се полни со идиоти, пазарите, што да ви кажам, за телевизиите и за социјалните мрежи да не правиме муабет. Нормалноста и разумот се во дефанзива. Речиси дека се истиснати на маргините на јавната сцена. Тенковите на простоќата и глупоќата напредуваат.
Но, забележувам извесни подобрувања во последно време. Луѓето сакаат да маваат со парталивите топки по пирамидите од празни конзерви грашок, но никој не може да ги натера да го запалат панаѓурскиот шатор со тие кутии заедно со газдата. Или целиот панаѓур. Задоволството од уривањето и надежта дека од тоа уривање нешто ќе се ќари, се исцрпуваат.
Во духовната сфера нема повеќе што да се урива.
Говњарите ќе мораат да нè остават нешто да создадеме, ако сакаат да имаат што да уриваат или ние ќе ги урнеме нив, што нема да биде тешко, зашто не се потешки од празни конзерви грашок.
Веќе на следните избори. И пред нив. Да ја обновиме и европеизираме Македонија за да можат да ја вадат од местото на просперитетот, да го вратат идентитетот во проблематичната сфера за да можат да го бранат, но за тоа прво ќе мора да не остават да го однесеме на сигурно место. Не знам дали се во состојба да ја разберат оваа апсурдност, но сеедно, така ќе одат работите.
Ало вмро, дали се слушаме?
Бидејќи кај вас памет нема, јас ќе ви кажам: Подгответе си зимница за уште девет години опозиција.
Најмалку.
Хахаха!