Грција и Кипар се отворени и ја разгледуваат можноста за отворање хуманитарен морски коридор за помош во Појасот Газа, нешто што во петокот го спомена францускиот претседател Емануел Макрон, јави дописничката на МИА од Атина.
Според Министерството за надворешни работи на Кипар иницијативата за создавање „контролиран и одржлив хуманитарен морски коридор за обезбедување непречена и безбедна хуманитарна помош за Газа“, ја соопштил претседателот Никос Христодулидис за време на Самитот на ЕУ и веќе биле остварени низа контакти со земји од регионот и ЕУ како и со други засегнати страни и меѓународни организации.
Од грчка страна, дипломатски извори за медиумите брифирале дека Грција ја истражува можноста за создавање хуманитарен морски коридор за транспорт на основни продукти, а за конкретниот план „се водат разговори со директно заинтересираните страни, како и со европските партнери и меѓународните организации“.