Пишува: ЈАНЕ ЃОРЃИОСКИ
Синот на мајка „грчовита патриотка“ и, пази ваму – „бранителка на македонскиот идентитет“ што со дрва и камења фрла и колне против внесувањето на Бугарите во Уставот на Македонија, стана градски советник во Софија.
Државната изборна комисија на Бугарија, вчера ги објави резултатите од локалните избори и според нив во советот на Софија влегува и Андреј Зографски, син на политичарката од Македонија, Солза Грчева, како предлог на политичката коалиција „Промените продолжуваат – Демократска Бугарија“.
Навидум нема ништо спорно во синот, роден од (како што сама се именува Грчева) „чистокрвна Македонка“ да се кандидира во Бугарија за советничка функција во главниот град. Нема ништо спорно и тоа што имал бугарски пасош. Но, што правиме ние тука со неговата мајка која едно продава во јавноста, а друго недри во семејната идентитетска колевка. Нели, за да добиеш бугарски пасош се декларираш како Бугарин и треба да прикажеш некоја бугарска нишка во „семејното стебло“.
Што правиме со хистеријата и нетрпеливоста што ја декларира Грчева на разните „патриотически“ собири кои наводно го бранат македонскиот идентитет од Бугарите?
На тие што не им беше јасно сега ќе им се кристализира дека со секое појавување на митинзите каде Грчева и нејзината тајфа поддржувачи ја „бранат“ Македонија од Бугарија, блика чисто лицемерие.
За некое време ако се охрабрат бугарските власти да ги извадат на виделина списоците со имињата на македонски политичари што се декларирале како Бугари и добиле бугарски пасош, ќе се види сето лицемерие и на политичките партии во Македонија што најсилно врескаат против внесување на Бугарите во македонскиот Устав.
Мачно ми е веќе да повторувам дека со епизодата „внесување на Бугарите во македонскиот Устав“, добиваме само извесна европска иднина, а ништо не губиме. И покрај сета политичка и медиумско пропагандна шашма, се чудам како може тоа да не е бетонирано досега кај секој самосвесен граѓанин од државава.
Јасно ми е зошто вмровците и разноразните „патриотически Солзи“ ни ја касапат таквата извесност. Ним ама ич не им чуе ни за држава, ни за идентитет, нит за благосостојба на народот. Тие си го гледаат џебот и само демнат како да се доберат до власт, и ништо повеќе од тоа. Но, никако не ми е јасно како е можно наместо да ги „набркаме на клоци“ таквите лицемери од политичката сцена, тие сè уште да се водилки и голем дел од јавноста сè уште да паѓа на тие малциозни политички финти?
Гледате ли кој нè брани драги мои?
Од кого нè бранат?
Од нивните синови и од Бугаринот во себе?