Унгарската влада им забрани на лицата помлади од 18 години да ја посетат овогодинешната изложба на „Ворлд прес фото“ (“World Press Photo) во Будимпешта, бидејќи со некои од фотографиите се прекршува Законот кој ограничува ЛГБТ содржина.
Престижната светска изложба на фотографии, отворена во Националниот музеј на Унгарија, годишно ја гледаат повеќе од четири милиони луѓе од целиот свет. Изложувајќи ги најдобрите дела на фоторепортерите, неговата мисија е визуелно да и ги претстави на публиката важни светски настани.
Меѓутоа, поради петте фотографии на филипинската фоторепортерка Хана Рејес Моралес, унгарски пратеник поднесе жалба до Министерството за култура, кое утврдило дека тие го прекршуваат законот со кој се забранува прикажување на ЛГБТ содржини на малолетници.
Поради оваа причина, лицата помлади од 18 години не смеат да ја посетат изложбата, дури и со согласност на нивните родители.