Сликите од масакрот во кампот Џабалија во Појасот Газа по вчерашните и денешни напади се страшни и ужасни. Иако сè уште немаме процени колку деца настрадаа, домовите на луѓето се срамнети со земја, стотици очигледно се повредени и убиени, а меѓу жртвите наводно има многу деца, се наведува во соопштението на Фондот за деца на Обединетите нации (УНИЦЕФ).
УНИЦЕФ истакнува дека двата напада врз Џабалија уследија по 25-деневното израелско бомбардирање, при што се убиени над 3.500 деца, не вклучувајќи ги денешните смртни случаи. Во нападите повредени се повеќе од 6.800 деца.
– Тоа би било над 400 убиени или повредени деца дневно, во 25 последователни дена. Ова не може да стане новото нормално, наведе УНИЦЕФ.
Фондот за деца на ОН истакнува дека бегалските кампови, населбите за внатрешно раселените лица и цивилите што живеат во нив се заштитени со меѓународното хуманитарно право. Страните во конфликт имаат обврска да ги почитуваат и заштитат од напади.
– Децата веќе претрпеа премногу. Убиства и заробеништвото на деца мора да престанат. Децата не се цел, посочува УНИЦЕФ.
Организацијата на ОН повторно упати итен повик до сите страни во конфликтот за итен хуманитарен прекин на огнот, да се обезбеди заштита за сите деца и за безбеден и непречен хуманитарен пристап за испорака на помош во Појасот Газа, во согласност со меѓународното хуманитарно право.