Пишува: ЏАБИР ДЕРАЛА
Ако сакаш да им веруваш на лагите на политичарите, да читаш пропаганда спакувана како „анализа“ или да уживаш во молкот на институциите, а фактите и реалноста не те интересираат – не бараш вистина, туку бегаш во привремениот комфор на илузијата.
Ако сакаш да пловиш на брановите на бесмислената националистичка омраза, да живееш со заблудите за минатото, сегашноста и иднината, а сопствениот живот да го гледаш како туѓа приказна на ТВ – тогаш не сакаш да мислиш со своја глава, туку оставаш други да мислат и да одлучуваат наместо тебе.
Ако „другите“ ти се непријатели само затоа што говорат на јазик различен од твојот, ако им се восхитуваш на далечните култури, а ги презираш оние со кои живееш и ако мислиш дека правата на едни се закана за други – не ја браниш својата посебност, туку го оправдуваш понижувањето на другите.
Ако корупцијата ти пречи само кога крадат „нивните“, ако бараш правда за себе и „твоите“, а молчиш за неправедно обвинетите затоа што се „нивни“ и ако слободата ја замислуваш како привилегија само за истомислениците – не бараш правда, туку привилегии.
Ако храброста ја мериш со силата на заканите, ако во туѓото страдање гледаш заслужена казна и ако човечноста ти зависи од тоа на која страна е жртвата – тогаш твојата страна ти станала поважна од човечноста.
Ако за тебе убиството на едно дете е оправдано во една војна, а злосторство во друга – немам ништо да ти кажам.
ЦИВИЛ МЕДИА | Сите права се задржани.






