Пишува: НЕНАД ЈОВАНОВИЌ
Околностите се екстремни, нема потреба да се лажеме. Оној, пак, што ги прима заканите без своја волја е ставен на шаховска табла како пиoн. А секој оној што мисли дека со тоа си прави лична промоција, го замолувам рибачењето да го испроба на своја кожа.
Во не така далечно минато, својата лична „афирмација“ и „популарност“ ја добив последните години затоа што често бев канет на Канал 5 во поджанрот наречен „Само вистина“. Сакав панкерски или „рокерски“, од блиску, да видам што значи силен мејнстрим медиум. Мислев дека е баш „куулл“ да се биде на телевизија. Уште и мислев дека таму луѓето го почитуваат мојот личен став, а мислев дека и јас имам што да му кажам на тоа плебесцитарно и колективно битие. На почеток беше добро, затоа што контекстот беше добар, питом, човечки.
А потоа работите отидоа по ѓаволите. Поради моето појавување на „Само вистина“ на Канал 5, од „Ненад Јовановиќ“ станав „Неџат“, станав дојденец, клошар, некој што живее како „домазет“, некој што нема „свој покрив над главата“. За оние класичните: шпион, предавник, јабанџија, соросоид, тоа е веќе константа која ми е „надената“ уште многу поодамна.
Зошто да се лажеме: јас од мојот живот направив панк, а не од панкот живот. Отсекогаш ме интересирале „проклети“ и слободарски работи. Знаете ли колку е тоа ретко? Можев да се „вдомам“ во капитализмот и корпоративно да живеам: „добро утро чаршијо на сите четири страни“! Можев, ама не сакав. Отсекогаш знаев дека сите тие локални фиќфириќи кои ја поздравуваат целата чаршија прво се изгубени во просторот и времето, а знам и дека се движат низ епохата без глава на рамена. Додуша, главата е тука, мешето им „кркори“, ама содржината ја нема, ако ме разбирате што сакам да ви кажам.
Попатно, никој „овластен“ не ме викнал во новинарство, а ако даде Бог здравје, памет и концентрација, никој „овластен“ нема да ме викне ниту во книжевноста. И можеби баш затоа, купишта луѓе се најдоа навредени затоа што ме затекнале или ќе ме затекнат токму тука. Дури и никогаш не сум пледирал да бидам аналитичар, затоа што такво нешто презирам. Ама ете, дури и аналитичарите се најдоа навредени затоа што ме најдоа помеѓу аналитичарите.
Овие наши чаршии имаат свои миленичиња и галеничиња. Јас, на пример, немам „своја чаршија“; од дете сум растен и сум се движел низ животот секаде како „некој кој не е наш“. Можеби и заради тоа не научив да го користам тој опсесивен и канонизиран малограѓански бон-тон. Дополнително, ги поминав сите животни срања кои оваа земја ми ги приреди, никогаш не криејќи дека тоа за мене претставува процес на растење и самоспознавање за токсичноста на епохата во која сум се нашол.
Зошто сето ова ви го зборувам од лично име? Ако не ви текнува, тогаш имаме сериозен проблем сите заедно. Тој проблем се вика „паралелен сималакрум“ што го креираат медиумите под капата на ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски. А што значи тоа? Ништо друго освен производ на една болна фантазија. Во таква реалност, едвај да постои „Ненад Јовановиќ“ или да речеме „Исмет Рамадани“. Овие луѓе не се метафори, овие луѓе се ептен конкретни и живи.
Не правиш никаков прекршок, туку само го изнесуваш своето граѓанско право на изјаснување за јавните работи.
Не знам колку нè има: десетици, стотици… Тешко дека нè има илјадници – навикнавме да живееме живот под закани и шиканирање. Морам да ви признам: Груевски многу добро нè истренира. Ама да се навикнеш и да отапиш/огуглаш не е исто. Исто така, заканите со текот на времето не значи дека стануваат банални? О, не! Се разбира, заканите не се со ист интензитет за секој. За некои се поблаги, за некои се со среден интензитет, за некои се брутални. Едните ги пцујат, а другите ги бркаат. Третите, боже мој, ги раселуваат. Јас не знам како е кај господин Рамадани за кого има големо почитување, бидејќи прво, го познавам лично, го познавам начинот на неговото говорење. Тој човек е шармантен, пристоен и коректен. Барем од тоа што јас го знам за него in vivo.
A добро, црни Ненаде, како е кај тебе? Кај мене е како и кај Хенри Ролинс: „Come in end Burn…“ Сега уште планирам да нафрлам и некој мускул во теретана, па верувам дека сликата ќе биде комплетна.
А што се однесува до Канал 5 и Иван Мирчевски, искрено да ви кажам, не знам. Канал 5 не гледам, на таа телевизија повеќе не одам. Во „Само вистина“ исто така нема да се појавам. Публиката која тоа го конзумира, не е моја публика. Што значи, јас и тие совршено сме си непотребни еден на друг. Дали го осудувам бркањето на господинот Рамдани од емисијата „Само вистина“, се разбира дека го осудувам. Секој има право да оди таму кај што му е волја, поточно таму кај што уредно го канат. Секој има право да зборува за она што смета дека е негов свет и негов дух.
Мојот медиум, пак, е Frontline.mk; и да ви бидам искрен: јас откако научив да читам и пишувам, немам потреба да зборувам. Поточно, пишувам за да не мора да зборувам. А што се однесува до Мирчевски, Канал 5 и „Само вистина“, нека си живеат во колективистички фантазии и лична веселба. Нивно право. Моето право е сосема поинакво: одам таму кај што сакам, љубам кого сакам, пишувам за што ми е волја. Начинот на изразување е мој, не се одрекувам од него бидејќи сè уште не планирам да се поништам себе.
Come in end burn, baby!