Министерскиот годишен собир на ОБСЕ од 29 ноември до 1 декември во Скопје ќе биде најголем настан во државава, и по димензии и по суштина, рече министерот за надворешни работи и претседавач со ОБСЕ Бујар Османи, на брифинг со новинарите во СЦ „Борис Трајковски” каде привршуваат подготовките за преадаптација на просторот.
Ќе учествуваат 76 делегации од земји членки и партнери на ОБСЕ, се очекуваат 1000 гости во делегациите, делегации од САД, Велика Британија и од Русија, иако не се знае дали ќе пристигне МНР на Русија поради затворениот воздушен простор кај нас и во соседните земји.
Суштински е најголем настан, зашто ОБСЕ првпат, рече Османи, е во егзистенцијална криза како организација која од 1975 е основана со мисија да ги чува мирот и безбедноста и да менаџира конфликти. Во криза е, додаде тој, зашто на ниско ниво е довербата на земјите членки по агресијата врз Украина.
-Првпат нема претседавач за 2024, а треба две години однапред да се одреди. Поделени се земјите по ова прашање, рече Османи и очекува одлуката да се донесе токму во Скопје. Исто така, организацијата се соочува и со проблемот дека не е одобрен буџет на ОБСЕ.
Одлуката за иднина на ОБСЕ , како што рече, очекува да биде токму во оваа сала и дека собирот е можност за дијалог на министрите на најголемите земји во светот да комуницираат за прашања за регионот на ОБСЕ. Скопје, рече, ќе биде центар на светот.
Водич на ОБСЕ е подготвен за организација на настанот, МНР една и пол година се подготвува.
Во логистика за настанот ќе бидат ангажирани над 200 луѓе, 200 војници ќе бидат возачи за спроведување на делегациите. Ќе биде обезбеден и чартер лет од Брисел за Скопје, а некои делегации ќе дојдат со свои авиони.
Собирот ќе почне со неформална вечера на 29 ноември, а на 30 ноември е формалниот дел со обраќање на министрите.