Градоначалникот на скопската општина Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски, ветуваше сè и сешто за време на кампањата, а на неговата презентација на остварените проекти главен фокус стави на претстојните избори која партија ќе победела, а како демант на досегашните објави во медиумите го покажа часовникот кој е сосема различен од тој за кој пред една недела објави и Градска.мк.
-Часовникот ми е 200 евра и е подарок од жена ми, а не како што пишуваат медиумите дека чинел 8.000 евра, рече тој.
Сепак ова негово тврдење не е точно, бидејќи не се работи за истиот часовник.
Според фотографиите станува збор за часовник IW376803 AQUATIMER CHRONOGRAPH од IWC Schaffhausen кој се продава со официјална цена од 7.600 швајцарски франци, што е над 8.000 евра, или речиси 20 минимални плати.
Патем и тогаш тој тврдеше дека брендот е ESPRIT, но не ја покажа главата на часовникот, односно предната страна туку објави фотографија од ремчето.
Сепак според анализата на Градска.мк неговата плата изнесува над 90.000 денари, што значи дека за својот часовник потрошил околу 5 градоначалнички плати.
Значи ли тоа дека Ѓорѓиевски домаќински работи само на домашниот буџет, за краток период заштетедил за да си купи луксузен часовник, додека пак општината според податоците за период од две години, долгот го зголемила за над 40 милиони денари.
Тука може да се додадат и долговите кон добавувачите, а исто така на сајтот на општината не може да се најдат информации дали е платен долгот кон „Дрисла“ од каде во јули годинава посочија дека договорот на општината е истечен во март годинава.
Инаетливата одлука на Ѓорѓиевски, да го исфрли ѓубрето пред јавното претпријатие „Дрисла“ во напнатата вечер кога штрајкуваше ЈП„Комунална хигиена“, ги чинеше општината Кисела Вода и Ѓорѓиевски дополнителни 90.000 евра . За оваа казна тој беше дециден дека нема да ја плати и до денеска нема информација дали воопшто ја платил.
Што не оствари Ѓорѓиевски?
Ѓорѓиевски во ноември 2021 година вети дека мерни станици што ќе го определуваат квалитетот на воздухот ќе се постават околу сите големи загадувачи во општината. Речиси две години подоцна, единствено е функционална мерната станица до Домот на културата во Кисела Вода кога и беше дадено ветувањето од градоначалникот, а до крајот на 2023 година ќе биде поставена мерна станица пред цементарницата во Усје. Ова ветување до денешен ден е во тек на реализација и допрва треба да биде исполнето.
Инаку, по официјалното пуштање во употреба на мерната станица во ноември 2021 година од градоначалникот на Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски, јавно реагираше неговиот претходник Филип Темелковски, кој напомена дека мерната станица во паркот кај Домот на културата била поставена пред пет месеци пред да се случи официјалниот настан од градоналникот Ѓорѓиевски, односно пред локалните избори во 2021 година.
Јавното претпријатие за стопанисување со објекти за спорт ја предаде спортската сала „Расадник“ во владение на Општина Кисела Вода, откако го раскина договорот со фирмата „Империал Данела“.
Објектот, кој сега е заклучен, е преземен на трајно користење без долгови.
„Две години локална власт на ДПМНЕ, а 0 резултати. Многу ветувања, но ниту едно од нив не е остварено. Орце Ѓорѓиевски, по стапките на неговиот лидер Мицкоски, ги излажа граѓаните и не оствари ништо од изборните ветувања. Нема нова поликлиника, спортската сала се распаѓа целосно, нема нов спортски центар, нема нови монтажни паркинзи. Општината и граѓаните добија само огромно задолжување и ништо повеќе“, истакнуват од СДСМ.
Тој ветуваше поликлиника во Општина Кисела Вода, дислокација на домот за наркозависници, противпожарна и полициска станица, што уште не се реализирани.
Преземено од Градска.мк