Пишува: ЗОРАН БОЈАРОВСКИ
„Единствена пречка за реализација на проектот Бас Рапид Транзит (БРТ) беше Данела Арсовска. Таа наследи готов проект, над 70 милиони евра буџет за изградба преку Европска банка за обнова и развој, само немаше визија и доволно рацио за веднаш да почне да го спроведува. Данела ветуваше 200 еко автобуси за кои никогаш не кажа од каде ќе ги плати“, напиша на социјалните мрежи Васко Лазаревски, советник во Град Скопје во претходниот состав на ова тело, откако актуелната градоначалничка Данела Арсовска објави дека „по две години отстранување на пречките на проектот предизвикани од претходното градско раководство, градот Скопје конечно ќе добие нов транспортен систем, соопштија од Град Скопје“.
На оваа објава реагираше и претходниот градоначалник на Скопје Петре Шилегов, во чиј мандат започна реализацијата на проектот за брзи автобуски линии во градот.
„После 2 години однесување како вошка во перика, заради очигледната некомпетентност, немање визија и основно познавање, новото градско раководство се враќа онаму каде што требаше да продолжи пред 2 години: Реализација на целосно разработен проект со обезбедена финансиска констукција, одобрен од меѓународната и домашна стручна јавност како најоптимално решение за Скопје“, напиша Шилегов.
Тој оценува дека е „фрлањето прашина во очи ‘со отклонување на грешките на претходното градско раководство’, не го разбирам како ништо друго, освен како очаен обид да се обезбеди алиби за сопствената глупост. Впрочем, 2 години сме сведоци дека незнаењето го кријат со перманентен конфликт и караници со секого, вклучително и со сопствените директори.
„Загубените 2 години (досега ќе беше во полн ек изградбата) и парите кои како камати се платени во меѓувреме, за жал, повторно паѓаат на грбот на Скопјани“, смета поранешниот градоначалник на Скопје Петре Шилегов.
Навистина е чудна објавата на Данела Арсовска дека „во основниот идеен проект беа истакнати детектираните сериозни пречки за реализација, кои благодарение на посветеноста и работата на градската администрација се надминати и со нивно отстранување се овозможува непречена реализација на овој проект“, без да бидат наведени кои биле тие „сериозни пречки“.
Дополнително, сомнеж во нејзината објава предизвикува и тоа што таа ги користи истите графички прикази на предвидениот Брз рапид транзит за Скопје што ги подготви за промоција и елаборација Петре Шилегов. Потполно истите, со истите податоци.
Да потсетиме што претставува Бас рапид транзит (БРТ) за Скопје и со какви последици се соочи градот и граѓаните прво со откажувањето од овој проект, а сега и со неговото враќање на агендата на градоначалничката Арсовска.
Арсовска го враќа трамвајот на тркала на Шилегов од кој се откажа на почетокот на мандатот
Овие денови, после цели две години од работата на градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска главниот град на државата, наместо напред, се врати најмалку пет години назад.
На 21 април 2021, Министерството за финансии, Градот Скопје и Европската банка за обнова потпишаа договор за заем за реализирање на проектот за Бас Рапид Транзит (БРТ) превоз во Скопје, со што, практично, започна постапката за изградба брз и одржлив јавен транспорт со суштинска цел да се намали сообраќајниот метеж и аерозагадувањето.
Една од првите одлуки што ги донесе Арсовска додека уште се подместуваше во градоначалничката фотелја, беше да го укине договорот за трамвајот на тркала, како што го нарекуваат БРТ, кој се движи на хибриден погон на гас и струја, и кој ЕБОР го препозна како значаен проект од акцискиот план зелен град кој значително ќе влијае на одржливата урбана мобилност и урбаниот развој на Скопје, како и на генералното унапредување на квалитетот на животот на жителите на главниот град.
Арсовска ја стопираше започнатата постапка за изградба на БРТ со образложение дека проектот ќе трае предолго и оти на метрополата ѝ се неопходни брзи и ефикасни решенија во делот на јавниот превоз, и дека во проектот БРТ се регистрирани недостатоци и ризици по животната средина, без да даде деталји за овие ризици.
Инаку според акцискиот план за реализација на БРТ, тој беше предвидено да биде завршен во 2024 година, но за Арсовска тое било „предолго“, па наместо еколошкиот трамвај на тркала, градоначалничката повтори дека ќе го реализира предизборното ветување за набавка на 250 нови еколошки автобуси со кои граѓаните ќе се возат бесплатно.
Нема ништо од ова ветување досега, а хронологијата на нејзините изјави како ќе обезбеди 250 еколошки автобуси, делуваат најблаго кажано – несериозно.
„Сега разговараме со експерти и со луѓе кои можат да детектираат финансиски средства преку донатори за набавка на првата транша од 150 автобуси, а потоа ќе видиме како ќе оди финансирањето“, изјави таа своевремено.
Ниту има информација и епилог од „разговорот со експертите“ за набавка на 150 автобуси, ниту решение за обезбедување финансии за нивна набавка.
Така, освен што им ја укина можноста на скопјани да се обидат до 2024 година да добијат две линии на еколошко автобуско метро со капацитет да превезува 65.000 патници на ден, што ќе придонесе да се намали аерозагадувањето, градоначалничката Арсовска не одговорила досега јавно што ќе се случи со заемот од 70 милиони евра на ЕБОР за БРТ кои „легнаа“ во Министерството за финансии.
А таму лежи големиот проблем за Арсовска.
Каматите, а не отстранувањето на пречките, ја поттикнаа градоначалничката сепак да го реализира БРТ
Од договорот со ЕБОР произлегува дека првата транша од кредитот треба(ше) да биде повлечена во октомври во 2021 година, и со тоа заемот ќе се активираше за да се реализира според ставките од планот за реализација на БРТ со соодветни суми за секоја позиција.
Она што се навестува и станува сосема извесно, бидејќи проектот е запрен, односно не ни почна да реализира, соодветно на клаузулите од договорот, започнаа да течат трошоците за кредитот и каматата од 0,5% годишно и доколку градоначалничката Арсовска или ЕБОР го поништат договорот, овие трошоци до крајот на оваа година можат да достигнат до повеќе од 1 милион евра.
Од Министерството за финансии во неолку наврати во изминатите две години имаше информации дека градоначалничката Арсовска ги игнорира и не им одгововара што планира да прави со овој проект и со одобрените стедства за финансиска поддршка за реализација на БРТ.
Од добро упатени извори имаме информација дека Арсовска се јавувала во ЕБОР со намера да добие одобрение кредитот за БРТ да го пренамени за набавка на дел од 250-те автобуси што ги вети, но дека од таму добила одговор дека станува за специјален, наменски кредит под поволни услови одобрен токму затоа што еколошкиот трамвај на тркала е високо оценет од европските експерти како зелен проект кој ќе овозможи еколошки и побрз транспорт во градот.
Соочена со оваа ситуација, станува очигледно дека Арсовска, всушност, сфтаила колку се сериозни последиците доколку не го реализира БРТ, трамвајот на тркала, договорен со Европската банка за обнова и развој, а не дека „ги отстранила пречките за реализација на проектот“.
Едноставно Арсовска сфатила дека каматите за кредитот „си работат“, односно ЕБОР ќе си го наплати трошокот и „лежарината“ за кредитот, а колку повеќе ќе се одлага, толку повисоки ќе бидат трошоците што на крајот ќе ги платат граѓаните на Северна Македонија, за што градоначалничката на Скопје ќе мораше да се соочи со одговорност за оваа сериозна финансиска последица.
Сега останува Скопје да го дочека стартот на работите на трамвајот на тркала кој со двете линии со коридори резервирани само за ултра-еколошки автобуси – од Ѓорче Петров до Ново Лисиче, и од Бутел до Кисела Вода, односно Пинтија, ќе превезува 65.000 патници на ден, што ќе придонесе да се намали аерозагадувањето.
Преземено: Рацин.мк