Високиот комесар за човекови права на Обединетите нации Волкер Турк повторно предупреди на сериозни прекршувања на човековите права на цивилите, кои претставуваат воени злосторства извршени, како што наведе, од двете страни во Газа.
Тој ги повика Израел и Хамас да бараат мирно решение и да престанат да ги казнуваат цивилите, пренесе Би-Би-Си. Нагласи дека секоја употреба на цивили и цивилни објекти како штит од страна на Хамас претставува кршење на законите за војна, но рече дека тоа не го ослободува Израел од неговата обврска да обезбеди цивилите да бидат поштедени од напад и да го почитува принципот на пропорционалност.
Турк повтори дека заложниците што ги држи Хамас во Појасот Газа од 7 октомври мора да бидат ослободени. Комесарот на ОН посочи дека не може да се постигне траен мир и безбедност со убивање цивили кои не се одговорни за извршените злосторства.