Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) и Економската и социјалната комисија за Западна Азија (ESCWA) на 9 ноември 2023 година, објавија заедничка брза проценка со наслов „Војната во Газа: очекувани социо-економски влијанија врз државата Палестина“.
Војната во Газа продолжува со несмалено темпо и после првиот месец, оставајќи зад себе огромни загуби на животи и штети на инфраструктурата и принудувајќи раселувања од невиден размер. Хуманитарната вонредна состојба е исто така развојна криза. Продолжувањето на војната доаѓа со огромни и сложени трошоци за сите Палестинци, не само за жителите на Газа, сега и во блиска и среднорочна иднина.
Еден месец по почетокот на војната, сиромаштијата се зголеми за 20 отсто, а бруто домашниот производ се намали за 4,2 отсто, се вели во извештајот објавен од Програмата за развој на ОН и Економската и социјалната комисија на ОН за Западна Азија (ESCWA).
Сиромаштијата во Газа веќе беше сериозна пред нападите на Израел во октомври – со 61 процент од населението што се сметаше – под прагот на сиромаштија во 2020 година, според Светската банка.
Нивото на економско влијание го надминува оној на конфликтите во Сирија и Украина, или која било претходна израелско-палестинска војна, наведуваат агенциите.
Најмалку 10.800 Палестинци се убиени во Газа, а повеќе од две третини од 2,3-милионското население ги напуштија своите домови откако Израел ја блокираше енклавата и изврши кампања на воздушни напади и копнени напади. Најмалку 182 Палестинци загинаа, а повеќе од 2.250 се повредени додека насилството се шири низ Западниот Брег.
Доколку војната продолжи втор месец, ОН предвидуваат дека палестинскиот БДП, кој претходно изнесуваше 20,4 милијарди долари годишно, ќе се намали за 1,7 милијарди долари или 8,4 отсто.
Економијата најверојатно ќе се намали за 12 отсто, со загуби од 2,5 милијарди долари и повеќе од 660.000 луѓе турнати во сиромаштија, доколку конфликтот се протега на трет месец, се предвидува во извештајот.
Речиси 1,5 милиони луѓе во Газа се раселени од почетокот на борбите минатиот месец, според Агенцијата за помош и работа на Обединетите нации, додека блокадата на горивото од страна на Израел во комбинација со строгите ограничувања за храна, вода и медицински испораки предизвика хуманитарна криза.
Според анализата на УНДП, клучните економски мерења, вклучително и стапките на вработеност и БДП, се во пад низ Газа и Западниот Брег.
Генерално, извештајот на УНДП предвидува назадување од 11 до 16 години во метриката што ја нарекува „човечки развој“ низ Газа и Западниот Брег, поради досегашниот конфликт. Проценката доаѓа од истражувањата на УНДП за образовните, здравствените и економските показатели кои придонесуваат за оценката на државата на Индексот за човечки развој.
Д. Тахири / Цивил Медиа