Високиот претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика, Жозеп Борел, најави дека Комисијата треба да го предложи дванаесеттиот пакет санкции против Русија оваа недела, објави Украинска правда.
Борел, по состанокот на министрите за надворешни работи на земјите-членки на ЕУ, рече дека Комисијата би можела да одлучи за овој предлог на состанокот в среда и да го испрати на усвојување до Советот на ЕУ.
„Новиот 12-ти пакет ќе вклучува нови забрани за извоз, меѓу другото, дијаманти, потоа нови чекори за ограничување на цените на нафтата за да се намалат приходите на Русија од продажбата на нафта и нови мерки против заобиколувањето на санкциите“, истакна Борел.
Блумберг објави дека предлозите на 12-тиот пакет санкции на ЕУ вклучуваат ограничувања на трговијата со стоки во вредност од околу 5 милијарди евра.
Новиот пакет може да опфати повеќе од 100 физички и 40 правни лица. Има предлози и за забрана за вработување на Руси во таканаречените „чувствителни“ сектори и за репатријација на руските средства во ЕУ.
Од почетокот на руската агресија врз Украина, во февруари минатата година, Европската унија усвои 11 пакети санкции против Русија.
Г. Т.