Еврокомесарот ја потенцираше поддршката за Северна Македонија за членство во ЕУ. Тој истакна дека обезбедена е макрофинансиска помош за Северна Македонија од 100 милиони евра.
Премиерот Ковачевски и еврокомесарот Џентолини разменија ставови во врска со реализацијата на приоритетните проекти на Северна Македонија во рамки на Економско-инвестицискиот план за Западен Балкан. Двајцата соговорници истакнаа дека тоа ќе значи стимул за економски раст со фокус на инфраструктура, дигитализација, енергетско и транспортно поврзување на Северна Македонија како и на другите земји од регионот.
Премиерот Ковачевски на средбата истакна дека европската интеграција е стратешка цел на Северна Македонија, и Владата е силно посветена на реформите, продлабочување на регионалната економска интеграција и развој на заеднички регионален пазар врз основа на законодавството на ЕУ со цел да се направи регионот поатрактивен за инвестиции.
Соговорниците разменија ставови и за Планот за раст за Западен Балкан кој е силен поттик на процесот на евроинтеграциите на регионот, со што ќе се зголеми двојно обемот на економијата на регионот и во земјата.
На средбата двајцата соговорници истакнаа дека европската интеграција за Северна Македонија ќе значи темелни промени и усогласување на економските и правните рамки со законските регулативи и со политиките на ЕУ.