Израелскиот министер за одбрана Ели Коен денеска го повика генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш да поднесе оставка, бидејќи, како што наведе, „не унапредил никаков мировен процес на Блискиот Исток“.
Коен барањето го изложи за време на посетата на канцелариите на ОН во Женева, како и за време на состаноците со Меѓународниот комитет на Црвениот крст и Светската здравствена организација (СЗО), пишува „Тајмс оф Израел“.
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, не заслужува да ги води ОН. Тој не промовираше никаков мировен процес во регионот. Гутереш, како и сите слободни нации, треба јасно и гласно да каже: „Ослободете ја Газа од Хамас“, рече Коен на прес-конференција во Женева.
Коментарите на Коен следат откако Гутереш претходно остро го критикуваше Израел, велејќи, меѓудругото, дека иако нема оправдување за злосторствата извршени од Хамас, „тие не се случија во вакуум“.
За време на состанокот со претседателката на Меѓународниот Црвен крст, Мирјана Шпољариќ Егер, Коен побарал Црвениот крст „да работи преку сите канали“ за да обезбеди посети на заложниците што ги чува Хамас во Газа.
Очекуваме Црвениот крст да го стави ова прашање на врвот на приоритетите на организацијата, да ги искористи сите начини на притисок и да не стои во место додека не ги посети сите заложници, не ја процени нивната состојба и не се увери дека ќе биде обезбедена соодветна медицинска нега, истакна шефот на израелската дипломатија.
На состанокот присуствуваше и израелскиот министер за здравство Уриел Бусо, како и неколку членови на семејствата на заложниците кои ги држеше Хамас.
Г. Т.