Повеќе медиуми на 12.11.2023 објавија невистинити тврдења дека „Украина не е држава“, „Зеленски не е претседател“, „украинскиот јазик не е јазик“, припишувајќи му ги на поранешниот лидер на Русија, Дмитриј Медведев, повикувајќи се на угледниот „Гардијан“.
На агрегаторите за вести time.mk и grid.mk се формираа кластери од написи, кои ги содржеа овие невистинити тврдења.
Повеќе медиуми се повикаа на известување од британскиот Гардијан, без да ги пренесат и оценките на „Гардијан“ за изјавите на Медведев, дека ја користел „често пласираната и неточна реторика на Русија дека Украина не е земја и затоа не може да се приклучи на НАТО“ и дека „ова неточно тврдење дека Украина не е независна земја, туку историски дел од Русија, веќе некое време се повторува во реториката на руското раководство“.
Во написите на медиумите кои се повикаа на Гардијан, не се споменува ни изјавата на Антон Герашченко, советник на украинското МВР, пренесена од Гардијан, дека „Генерално, како што неодамна напоменаа руските пропагандисти, тие веќе немаат што да изгубат, па затоа можат да кажат што сакаат“.
Како што можеме да видиме, медиумите кои се повикаа на Гардијан, ги пренесоа само неточните изјави на Медведев, а не и оценките на Гардијан дека се работи за „неточна реторика“ и „неточни поимања“, ниту пак изјавата на украинскиот советник Герашченко.
А која е вистината? Вистината е дека Украина е држава, членка на ОН од 1945 година, а на 24.08.1991 го променила нејзиното име во Обединетите нации од Украинска советска социјалистичка република во Украина. На сајтот на Кремљ има информации и за потпишувањето и за ратификувањето на спогодбата помеѓу Русија и Украина за руско-украинската државна граница.Овој меѓународен договор потпишан од Путин може да се најде и на сајтот на ОН. Зеленски, спротивно од тврдењата на Медведев, е легитимно избран претседател на Украина, кој стапи на должност на 20.05.2019 година со мандат од 5 години. А украинскиот јазик, наспроти тврдењата на Медведев, како што анализиравме во Полиграф, „денес го говорат над 40 милиони луѓе, тој е кодифициран пред околу еден век, признаен е во Обединетите нации и се изучува на многу универзитети во светот“.
Што може да се заклучи од овој случај? Медиумите не треба да објавуваат изјави на политичари што не поминуваат проверка на факти. Доколку одлучат да ги објават, должност е да укажат дека станува збор за неточни тврдења, како што направи „Гардијан“. Во спротивно, ризикуваат да бидат злоупотребени како канали за ширење на пропаганда и дезинформации.
Преземено: СМК