Пишува: НЕНАД ЈОВАНОВИЌ
Ние сакавме помирување дома и со соседите. Со тоа, делумно успеавме: сакавме да влеземе во антивоени и мировни, европски политики. Делумно и во тоа успеавме. ВМРО-ДПМНЕ и Левица, пак, имаа други планови. На почеток молчеа, се правеа „ние не сме од тука“ за, потоа, да си го покажат своето вистинско лице: партии претворени во инкубатори кои сакаат помирувачите да ги збришат од картата на светот. Образецот за таквото бришење и чистење го преземаат од Виктор Орбан. Како сега пак тоа, некој ќе праша?
Лидерот на Фидес е бескрупулозен десничар и популист. За да ја зацврсти својата позиција во Унгарија, удира кон надвор, поточно удира кон Европската унија. Војната на Израел против Хамас, пак, му овозможува на Орбан повторно да ја облече униформата на „заштитник на христијанството против ширењето на исламот“ во Европа. Без разлика што има незначаен број на муслимани, исламофобијата е како ретко каде на Стариот континент вкоренета и јака како што е во Унгарија.
Орбан е најбучниот провокатор на теориите на заговори за „етничките промени на народите“, поточно (пазете го ова лудило!), „неолибералните и масонски центри на моќ работат на тоа за да се промени етничката структура на Европските држави со масовно населување на мигранти така што резултатот ќе биде: автохтоното бело жителство да стане малцинство во својата држава“.
Какво лудило, мајко мила!
Од друга страна, Европа до крајот на годината ќе го одобри пакетот со помош за Украина од 500 милиони евра, потоа, пак, ќе одобри фонд од 20 милијарди евра за наоружување на Кијев. Потоа, ако читам доволно прецизно: Европа ќе ѝ помогне на Украина со 50 милијарди евра, од кои една третина ќе биде бесповратна, а две третини ќе бидат пласирани низ поволни кредити.
Следствено на тоа, Унгарија има можност да ја блокира ревизијата на буџетот на ЕУ, односно може да ги блокира 15-те милијарди евра за миграциона и надворешна политика на ЕУ. Тука, разбирливо, се појавува и прашањето на влегувањето на Шведска во НАТО. Недостига зелено светло од Будимпешата за Стокхолм да влезе во Алијансата.
Посебно прашање ќе биде прифаќањето на предлогот на Европската комисија да почнат преговорите за членство на Украина и Молдавија во ЕУ од Европскиот совет. Да потсетиме, оваа одлука мора да се донесе едногласно. Погодувате? Унгарија и Словачка експлицитно се изјаснуваат дека се против таквиот предлог.
Естонската премиерка Каја Калас јавно се прашува: „Како е возможно еден лидер на ЕУ да му ја стисне раката на еден криминалец“, алудирајќи на ракувањето на унгарскиот премиер Орбан со претседателот на Русија Владимир Путин.
Орбан има проблем и со либералната Америка. Има проблем и со нејзината империјална улога во светот, разбирајќи дека Америка има важна улога и во Европа. Затоа Орбан толку огорчено е против Америка, поточно, против естаблишментот во Вашингтон и претседателот Џо Бајден.
Во главата на Орбан, најдобро на власт е да се врати Доналд Трамп, а демократија или либералната Америка, за Унгарецот подобри се Русија и Кина, земји кои не се интересираат за човековите, работничките, малцинските, женските или родовите права, а немаат никакво интересирање ниту за независно судство и слобода на медиумите.
Е, сега, од глобалното, ајде за момент да се вратиме на локалното.
Што вели Мицкоски? Вели дека бара „чист 61 пратеник“. Зошто? За да не бил уценет од Албанците. Што тоа ни кажува? Ни кажува дека имплицитно создава расистички пораки, а преку тие пораки дополнително го фрагментира широкото граѓанство во Македонија.
„Другиот“ и различниот од нас, секогаш е предавник, туѓ, некој што не е наш и чист. Во основа, така работи секоја десна, расистичка и популистичка политика. Таквата политика игра на (нај)примордијалните стравови на луѓето. На страв, а не на заедништво, емпатија и солидарност, Мицкоски ќе се обиде да ја преземе власта во земјата.
Во конечноста, што ова би можело да значи за Македонија, каква е нашата дијагноза?
Значи дека Мицкоски дома ќе ветува на сите страни пари (кои реално ги нема), потоа ќе шири страв и омраза за граѓани кои се изјаснуваат за нешто друго освен македонското; што значи дека ќе се надева на парите на Европа ако стане премиер, потоа ќе им се заканува на тие од кои добива пари, нема да објаснува за што му се тие пари, нема да се правда што ќе прави во својата земја ако, не дај Боже, стане власт. Што во основа значи modus operandi на владеењето и образецот на Виктор Орбан во Унгарија.
Откако ќе стане власт, не е далеку од паметот и Виктор Орбан да наврати во земјава, но не како странец, премиер на туѓа земја, туку како „свој на своето“. Затоа што домашните „патриоти“, во основа политички деца, ќе си го чекаат својот вујко да се врати во земјата како „свој на своето“. На тоа работат секојдневно и самопрегорно.