Пишува: АНА ВАСИЛЕВСКА
Траорот што ни се вгнезди под кожа од објавата за исчезнатото 14-годишно девојче Вања Ѓорчевска, кулминираше во колективна болка синоќа по веста дека е пронајдена убиена. На секој од нас деновиве ни минаа низ глава безброј фатални сценарија но и оние најнадежни, треперејќи при секоја нова информација. И денска ги слушнавме деталите од МВР и ОЈО. Со Вања вчера беше убиена и елементарна верба во човечкиот морал а воскресна концептот за освета кон монструмите. Некои споменуваат и враќање на смртната казна за злосторниците. Дури и да се обиде човек комплетно емоционално да се дистанцира, онаа природна емпатија на секое здраворазумско битие не дозволува помирување со овој случај. Ако се сведе на голи факти, барем од оние со кои во моментов официјално располагаме, мотивот за убиството на Вања се пари. Толку едноставно, пари. Основната движечка сила во светот, парите за кои се војува, крволочно се убива, секојдневно се уништуваат милиони животи. Но, ова е глобална катастрофа на триумфот на злото и лукративниот материјализам, за која можеби до вчера верувавме дека е далеку од нас.
Според податоците на официјалната страница на Интерпол, нотификација со жолт аларм за исчезнати во моментов има за близу 10.000 лица во светот, меѓу нив речиси половина деца, на возраст од 0 до 21 година. Лицата се речиси од сите континенти и точки на планетава. Во објаснувањето на Интерпол како доминантен мотив за киднапирање на деца стои сексуална злоупотреба и експлоатација, трговија со луѓе, принудна работа: „ова се само дел од опасностите со кои се соочуваат децата ширум светот денес. Во ИНТЕРПОЛ работиме на решавање на оние злосторства кои имаат меѓународна димензија. За да помогнеме во трагањето на исчезнатите деца, издаваме жолти известувања, додека нашите експерти за трговија со луѓе работат заедно со земјите-членки за да ги спасат децата жртви на трговија со луѓе и принудна работа.“
Тие ја посочуваат сексуална злоупотреба и експлоатација како број еден за злоделата кон деца а како најолеснителен механизам за пристап на монструмите за каков било вид на злоупотреба на децата го акцентираа интернетот.
Што ќе сториме ние?
Трагедијата со Вања е уште поголема бидејќи сплетот на криминални околности е бизарен, дотолку што логиката е исклучена. Неповратно е загубен еден млад живот, прекинати соништа со ладнокрвно повлекување на шкрапалото од оружјето на еден монструм. Тој што може физички да ликвидира човек е бездруго е некој чија душа е ампутирана. Молкот што го остава овој настан зад себе и истовремено илјадници прашања во секој од нас го обои овој понеделник во најцрн датум на кој некогаш сме сведочеле. И не дека злото, насилството не ни се дел од секојдневните вести , туку затоа што ова е прв случај налик на оние криминалистички серии во кои исчезнатите лица се бараат со застрашувачки аларм. Овој пат не е филм, не е кошмар од кој се разбудивме, не е среќно завршена акциона мистерија . Во суштината на се, останува тоа да очекуваме злосторниците да бидат изведени пред лицето на правдата и да им се суди според Закон.
Црните хроники и утре ќе се полнат со вести за фемициди, силувања, тепачки, убиства, социјалните мрежи и натаму ќе бидат бесконечно поле за блуење на отров, лагите и бесмислиците пакосните коментари ќе бидат дел од медиумските објави. Ќе продолжи оној деструктивен наратив на обвинувања кон секого и сешто и секому во своја полза. До кога?
Тоа што треба да не вкочани и преплаши до смрт се низата причини кои доведоа да живееме во токсично општество. Има многу, но една од нив бездруго е релативизирање на злото преку праксата на неказнивиост и уште пострашно киднапирање на есенцијалната човекова доблест-моралот. Не оној лажниот морал форматиран во догми и декларативни памфлети, туку вистинскиот исконски морал,
Ако пак отвориме дебата за ова лесно може да отиде во правец на лажно и празно морализирање. Тажно е што повторно границата може да ја повлече само Законот, а совеста и етиката се повеќе стануваат дефицит па дури и на нив се гледа со потсмев од страна на ордите „нелуѓе“ што не бираат ниту средства ниту начин да стигнат до целта. Газат и преку лешеви, како што видовме, убијци маскирани во „нормални идентитети“, патриоти, политичари, семејни луѓе.
Тоа што ние можеме и мораме да направиме е да почнеме да ја исправаме кривата патека, да не бегаме од суштината со банални заклучоци да ги лоцираме и да се спротиставиме на сите и најмали сигнали на злото, и најмногу од се да се вклучиме во потрага на исчезнатата човечност.
Реквиемот нека ечи денес, нека се исплачеме во име на невината душа на Вања но Амбер Алерт да закачиме во потрага за благородни и вистински вредности кои се единствен начин да се спротиставиме, да го превенираме и да го искорениме злото.
Извор: Нова ТВ