„Ова е најодвратниот дел од политиката. Наместо сите да тагуваме, ВМРО-ДПМНЕ гледа политички да се пресметуваат. Вчера излегоа со прес-конференција, направиле републички штаб за избори, претседател ќе бирале на конвенција. Кога целата држава е во тага, тие се пресметуваат со политички противници“ рече градоначалникот на општина Карпош, Стевче Јакимовски во „Студио 10“ на ТВ24.
Тој додаде дека целото општество, па дури и соседните држави не се чувствуваат пријатно, а дел од опозициските партии се обидуваат политички да се пресметуваат.
„Ова е време кога сите треба да тагуваме и сочувствуваме со жртвите. Ова е израз на политички простотилук, ништо повеќе од тоа. За жал, тој политички простотилук се обидува да ја води државата“ рече Јакимовски.
Лидерот на ГРОМ исто така ги пофали и професионалците во МВР кои брзо го решија случајот, па дури и го уапсија Палевски, кој избега од државата.
„Од Смилковско Езеро имавме избеган во Косово, па никогаш не го фатија. Еве сега луѓето го лоцираа, најдоа, фатија, во соработка со други служби“ рече Јакимовски.
Јакимовски нагласи дека брзото фаќање на Палевски во Турција е и придобивка од членството во НАТО.
„Морам да бидам искрен, ова е придобивка од членството во НАТО. Безбедносните служби се вмрежени до крајна линија. Иако сум бил противник, бидејќи ни се менуваше името, конкретно е да се каже дека ова е придобивка до членството во НАТО“ рече градоначалникот на Карпош, Стевче Јакимовски во „Студио 10“ на ТВ24 за апсењето на Палевски.
Тој додаде дека брзото и ефикасното лоцирање и наоѓање на Палевски е придобивка од брзата и голема размена на информациите помеѓу службите, како резултат на НАТО сојузништвото.