Во однос на менување на позицијата за прв вицепремиер во техничката Влада, премиерот Ковачевски не одговори директно на прашањето, вели дека со закон е регулирано кои позиции се менуваат во техничката влада и дека нема импровизации во тој дел.
„Сè е дефинирано во законот за техничка Влада. Нема импровизации во тој дел. МВР, МТСП, кои заменици министри стануваат дополнителни… Таму е точно наведено. Доколку почнеме да навлегуваме во процеси на импровизирање, тогаш веќе се става дамка на целиот процес“, истакна Ковачевски.
Се работи за влада која треба технички да ги подготви изборите, рече Ковачевски.
Според него, оставка на премиерот и формирање на влада која ќе ги подготви изборите е законска обврска која тој ќе ја исполни.
„Тоа е законска обврска. Како што е законска обврска на 100 дена пред одржување на изборите, претседателот на владата да поднесе оставка, што јас ќе исполнам оваа законска обврска исто како претходните премиери што ја исполниле законската обврска. Така и ВМРО-ДПМНЕ треба да предложи свои кадри и да ја исполни законската обврска. Ако не го стори тоа, ќе фрли дамка врз изборите, Ден пред одржување на седницата на претседателството на ДУИ јас имав интервју на кое што кажав дека не сме разговарале, но тоа не значи дека после тоа не сме разговарале. Да, јас со коалиционите партнери имам координација. Можевте да видите дека со најширок консензус беше договорен датумот на избори“, посочи Ковачевски.
Претходно, по информации од партиски извори на ДУИ, „Фронтлајн“ напиша дека во техничката Влада позицијата на прв вицепремиер ќе оди кај СДСМ, бидејќи технички премиер ќе биде Талат Џафери од редовите на ДУИ.
Д. Ј.