Министерот за надворешни работи Бујар Османи смета дека со неусвојувањето на потребните уставни измени се ризикува на земјава да и се повтори грешката од Букурешт 2008 година, овојпат со заглавување на евроинтегративниот пат.
-Во утринското интервју за Слободен печат, министерот за надворешни работи, Бујар Османи, ја коментираше и поздрави геополитичката одлука на Европската Унија за почеток на преговори со Украина, посочувајќи дека граѓаните на Северна Македонија не се вознемирени од позитивната одлука на Унијата за Украина, туку од политичарите коишто со неусвојувањето на потребните уставни измени ризикуваат повторување на грешката на Букурешт 2008, се вели во соопштението од МНР.
Според Османи, тоа би значело повторно долгорочно заглавување на државата на евроинтегративниот пат, т.е., околу најважните прашања за граѓаните: за стандардот, за нивната одлука дали ќе останат овде или ќе заминат надвор, за работните места, за нивните плати, за здравството, за образованието.
-Паметните учат од туѓите грешки, непаметните од своите. Ние се доведуваме во ситуација, ни од своите грешки не учиме. Дозволуваме повторно едни темни сили – националистички, да ни ја киднапираат иднината заради лични агенди. Јас сум сигурен дека подоцна ние ќе најдеме решение бидејќи времињата не се од Букурешт 2008 година, но теоретски ризикот е ние уште една декада да изгубиме, истакна Османи, повикувајќи ги опозициските партии да не останат индиферентни во овие критични времиња за иднината на земјата, да мислат за следните генерации наместо за следните избори.