Пишува: ЉУБОМИР ШОПОВСКИ
Како што рече Бил Гејтс, глупави секогаш имало, но социјалните мрежи им дадоа можност на глупаците да се обединат. Од мнозинството ја црпат силата, не од умот.
А што да прави човек без образование, или човек образован во трафиките за дипломи, освен да го продава своето незнаење како знаење, имитирајќи го она кое што го видел кај неалтернативните науки, ама само како површински коп, онолку колку што можат длабоко да копнат со нивните меки алатки. И нормално, секогаш се против здравиот разум и против вистинската наука, бидејќи тие дисциплини им се недостижни. Отприлика како на оние кои никогаш не фатиле рекет во рака, но во биртија, после две ж`ти објаснуваат како Ноле би требало да игра форхенд. Или дека во школото во Чашка не смеат да учат албански деца, затоа што веројатно ќе ја расипат чистата ариевска раса на тамошните жители. Фаќаат било која тема на која можат да онанираат, затоа што за вистински секс го немаат главниот орган – мозокот.
Во што се состои алтернативниот живот? Па во барање на алтернатива за се` кое што им е недостижно на фрустрираните мудросери. Фактите ги менуваат со алтернативни факти, процедурите со алтернативни процедури, вредностите со алтернативни вредности, физиката со јутјуб, филозофијата со „Семе синапово“, медицината со алтернативна „медицина“. Земјината топка со плоча…
Дали се сеќавате во време на ковидот, како новинарските „истражувачи“ ги пласираа алтернативните факти: ивермектинот е спас, зошто комисијата за заразни болести не го препорачува, хемофилтрацијата е спас, зошто таа не се спроведува во државните институции бесплатно, маските не штитат 100%, зошто мораме да ги носиме, зошто да седиме во карантин 21 ден, кога можеме 5. Дали сте забележале колку луѓе одат кај Благоја железничарот, наместо на доктор, колку луѓе ги цитираат „прогнозите“ на Славчо, наместо прогнозите од хидрометеоролошкиот завод, колку деца носат ѓердан од килибар за да не ги чешаат првите заби, колку луѓе мислат дека водата има меморија?
Алтернативниот живот не е лесен, мораш цело време да бидеш на штрек, кога ќе се објави нешто официјално, да контрираш со алтернативно. Нормално, затоа што имаш право на свое мислење… Колку тоа револуционерно звучи: имам право на свое мислење. И тоа право го разбрале алтернативно…
Ете тие алтернативни права на свое „мислење“, кои формално им ги одобруваме со „ма пушти го будала, нека зборува што сака“, нѐ доведоа до ситуација така обединети да се изборат за алтернативата на прогресот на нашите животи. Да нѐ потопат во нивниот ѓериз, каде што се чувствуваат најбезбедно.
Не смееме да им дозволиме да нѐ вовлечат во нивните алтернативни животи.