Дали се сеќавате на Јана Атанасовска? Минатата година Фронтлајн пишуваше за неа, кога во неколку наврати ги соборуваше македонските рекорди во алпско скијање.
Оваа година младата Јана ја почна со уште подобри резултати.
Нашата голема скијачка надеж во изминативе неколку дена имаше 4 трки во австрискиот скијачки центар Хохфуген. Во првиот натпревар во слалом постигна најдобар резултат во својата кариера, освојувајќи 51,80 FIS точки. Да потсетиме, во алпското скијање помалку FIS точки значат подобар резултат.
Пред два дена, на уште еден натпревар во слалом, уште еден одличен настап на којшто Јана го постигна најдобриот резултат во историјата на македонското скијање (47.97 FIS точки). По првата слаломска трка Јана беше на 22. место, но во втората трка скијаше феноменално и имаше заостанување од само 1,02 секунди зад победничката Лила Лапања. Лапања е инаку американска репрезентативка и се натпреварува и во Светски куп. Таа е 12 години постара од нашата Јана Атанасовска, а за истакнување е дека во таа втора слаломска трка и сите други натпреварувачки што беа подобро пласирани од Јана се постари од неа.
Зимата само што почна. Следуваат уште многу нови настапи за нашата голема скијачка надеж и да се надеваме на уште многу добри резултати и нови рекорди.
Честитки за Јана Атанасовска, но и за нејзиниот татко и тренер, Александар Атанасовски – Чаве.
А. Лукароски