„Одговорно можам да потврдам дека институциите се на вистинската страна и активно се борат против малициозните организирани групи кои наменски создаваат дезинформации и манипулации со информации и се обидуваат да ги поткопаат демократските процеси во земјата. Сеедно дали тие се странски, или се амплифицирани од домашни актери. Но, ќе повторам, вклученоста на целото општество како пристап е клучна и ќе овозможи во наредниот период борбата со дезинформации да стане општествен приоритет и ќе обезбеди координиран, ефикасен и ефективен пристап во справувањето со дезинформациите“, истакна премиерот Димитар Ковачевски во интервјуто за ЦИВИЛ Медиа.
Перспективите за борба со дезинформации односно борбата против странските информациски манипулации и влијанија од кои дезинформациите се само дел, во 2024 се подобри од било која година предходно, вели Ковачевски, како одговор на прашањето за перпспективите во борбата против дезинформациите во пресрет на изборите во 2024 година.
„Сметам дека вклученоста на целото општество е решението и сега и во иднина. Ние, како општество, и тука мислам и на медиумите и на граѓанските организации и на институциите, мораме да бидеме на вистинската страна и здружено да се бориме против дезинформациите односно манипулациите со информации. Состојбата со дезинформациите и глобално, а и на Западен Балкан одамна не дозволува да има неутралност по ова прашање“, истакна Ковачевски, зборувајќи за предизвиците и решенијата во контекст на дезинформациите.
Ковачевски истакна и дека ние сме НАТО, а тоа подразбира и јакнење на отпорноста кон хибридните напади. Истовремено, вели тој, огромен исчекор за нашето општество и најважниот чекор во борбата е препознавањето на дезинформациите, но и изворите и нивното намерно создавање.
Преземено: Цивил Медиа