Запрашан за тоа кои се мотивите на ВМРО-ДПМНЕ да ја блокира државата на европскиот пат, политичкиот аналитичар Ѓунер Исмаил во студиото на Слободен печат издвои две причини за таквото однесување на опозицијата.
„Има две објаснувања, едното е дека затоа што се опозиција, што само по себе не објаснува ништо, а второто е дека на тој начин го слабеат владејачкото мнозинство и дека на некои идни избори ќе покажат дека тие можат поинаку и тоа се објаснувањата. Но кога ќе ја погледнете големата слика, ќе видите дека и историски гледано, тие структури кои се крстиле како ВМРО или некакви патриоти, или по ново некои леви десничари, тие се всушност деструктивни структури во нашата држава“ порача Исмаил.
Во однос на анкетите што се објавуваат во јавност, Исмаил смета дека анкети се прават со различни цели и мотиви, но ниту една од нив не може да се прогласи за стопроцентно точна.
„Во нашата држава има анкети и анкети и ниту една од тие анкети не може да се третира како суверена точна од која може да се извлечат анализи, констатации и предвидувања. Потсетувам дека на сите анкети, околу 40% од граѓаните не кажуваат свој став околу состојбите во државата“ порача Исмаил.