Пишува: ЏАБИР ДЕРАЛА
Во ова општество се делат пари, станови и позиции како да се салфетки или визит карти. На другата страна од „бизнис зделките“ се наоѓаат корумпирани судии, политичари и администрација кои функционираат според вредности и принципи кои не зависат од тоа кој е на власт, ниту на која политичка партија им припаѓаат. Тие односот кон политичките партии го градат врз бизнис логика.
Тие во чии длабоки џебови се парите, често и самите се основачи на партии, невладини организации, медиуми или на сето тоа истовремено. Или се појавуваат како донатори, спонзори, покровители… Опкружени се со адвокати кои се истовремено курири за „брзи пратки“ и имаат најдобри врски секаде каде што тоа е потребно.
Овие мрежи на влијанија и корупција имаат на располагање новинари за креирање пропаганда и дезинформации, писатели за пишување монографии, сликари и фотографи за убави портрети, и убави девојки и жени да им го разубават секојдневието и да ги соблазнат потенцијалните партнери, но и потенцијалните непријатели.
Ги нарекуваат на различни начини: олигарси, бизнис лобисти, криминалци… Без да губиме време да ги најдеме најсоодветните називи, веројатно е доволно да кажеме дека се недопирливи, уживаат во неказнивоста, и градат паралелни реалности во кои живее целата земја.
Нивниот начин на дејствување е брз, бидејќи се заснова на бизнис логика за брз раст, високи профити и ефикасен менаџмент.
Еден тривијален пример… Замислете колку време ви е потребно за да добиете еден обичен документ, потврда, личен документ или извод од матична книга на родените. Дали знаете дека повеќето документи, односно податоци потребни за нивна изработка, веќе постојат и дека треба само да се притиснат неколку копчиња на тастатурата? Дека за тој документ да се изработи се потребни само неколку секунди? А вам, во најдобар случај ви се потребни часови, ако не и денови!
Тоа го нема кај криминалците. (Може и така да ги наречеме, нели?) Кај нив зделките траат точно толку колку што е потребно. И постојано работат на скратување на процесот. И што е најважно – речиси сѐ, ако не и буквално сѐ – кај нив е покриено со законски и подзаконски акти или со дупките и недореченостите во регулативата.
На разните фолиранти (невладини и медиумски) најлесно им е да вршат мониторинг на постапките, настаните, изјавите и сајтовите на комисиите и институциите кои и онака ги објавуваат податоците, но своите извештаи ги претставуваат небаре го откриле тркалото. И се разбира, прават истражувања на перцепциите на граѓаните за корупцијата. А тие се веќе отруени од пропаганда – криминална, политичка или и двете.
Перцепциите најчесто се основа за „големите“ констатации за корупцијата. А што ако самата перцепција е корумпирана!?
Со други зборови, најмногу корупција има таму каде што најмалку се бара.
Да, секако дека постојат политичари, невладини организации, новинари, судии и истражители кои искрено и посветено се трудат да откријат, разобличат, обелоденат и осудат криминалци или корумпирани шефови на институции или политичари, секој на свој начин и во рамките на своите ингеренции и законски овластувања.
Нивната истрага е долга и комплицирана. Тие мораат да се движат крајно внимателно низ процесите, да ги почитуваат законите и пресумпцијата на невиност, соочени со ѕидови на молкот, безброј стапици и лажни „симптоми“, на секој чекор можат да направат грешка што потоа може да се искористи на суд како олеснителна околност или ослободувачка пресуда. Тоа трае долго и бара макотрпна и трпелива работа. И не малку пари, да се разбереме.
За тоа време, криминалците не седат мирно. Тие преземаат брзи и ефикасни мерки: корумпираат политичари, ангажираат пропагандисти и медиуми за хистеризирање на јавноста и – неизбежно – ги корумпираат судиите.
Ако ништо од тоа не им успее, одат во затвор некое време, но таму престојуваат во најубавите делови од тие установи. Возат комбе за достава и често одат во болница заради „влошеното здравје“, каде што пушат пури, опкружени со грижлива нега и друштво – на државна сметка.
Треба конечно да се сфатат неколку факти.
Корупцијата е вткаена во животот, во навиките, во убедувањата и вредносниот систем на луѓето.
Нема закон или држава што може целосно да се справи со културата на корупцијата. Добра споредба со распространетоста на корупцијата е начинот на кој национализмот е вткаен во општеството. Не вредат ништо сите стратегии, акциски планови, програми, ветувања и изјави – ако не се разбере дека сѐ започнува и сѐ завршува во културата на живеењето, политичкото дејствување и начинот на кој се уредуваат односите во општеството.
Корупцијата го уништува квалитетот на животот, ги осиромашува и понижува луѓето, ја подрива стабилноста и безбедноста, ги загрозува фундаментите на демократијата и ги потценува човековите права и слободи.
Откажувањето од сето тоа е како откажување од самиот живот. За да се живее животот, не е потребна диплома, докторска дисертација, судиска тога или беџ од полиција. Доволно е да се одбере со какви вредности ќе се навигира животот.
Корупцијата не е само мито. Таа е повеќе и од мрежа од влијанија и здружен заговор за стекнување профит и моќ. Таа можеби потекнува од оние што имаат високи позиции и големи пари, но не завршува само таму. Ако ова не е јасно, вратете се на почетокот на текстот.
Тие што се восхитуваат од насилството и криминалот, богатството и моќта по цена на газење врз човечкото достоинство, омразата кон различните – секогаш ќе бидат послушен дел од општеството кое тоне во културата на корупцијата. Сите тие појави и состојби се поврзани и пулсираат со ист ритам – едното го овозможува другото.