Пишува: ЕМИЛИЈА ЦЕЛАКОСКА
Нострадамус не е по ништо друго популарен освен по збирката песни која редовно отпосле ја дешифрираме како предвидувања (во смисла на точни, како што сугерира самиот збор: „пред“ + „види“). Така, не е ништо ново да се каже дека моќта за предвидување е храна за гладот на човештвото во постигнувањето сигурност за својата иднина. Бидејќи сака да живее. Човекот сака да е жив и да живее. Но, за жал, за иднината не може да биде 100% сигурна, па оттаму и се поговорките од вид дека само будалите се 100% сигурни, а исто така со тоа е поврзан и феноменот на Данинг-Кругер. Се разбира, никој не се смета за глупав ако во сегашноста си знае 100% за сегашни состојби, на пример, својата адреса на живеење или информациите што ги прима од сетилата. Но, за иднината може да се предвидува нешто, евентуално, заради повторувањето на нештото во нашето искуство. На пример, за утре, 100%-но си знаеме дека „сонцето ќе изгрее“ (па макар и зад облаци), ама, секако, малку нѐ јаде црвче кога ќе го помислиме тоа, разбирајќи си ја космичката маленкост – дека тие 100% „знаење“ се всушност 99.99999…%. Затоа што тоа е за утре.
Така, науката го прави човекот помалку од 100% будала заради зголемување на моќта на предвидување: Некоја појава се проучува преку повторувањата, додека не се стигне до парче заклучок, доста подалеку од 50-50 (фрлање паричка). Со принципите што науката ги применува, а тоа се во основа логичките закони од стандардната логика, но и статистичките правилни интерпретирања, се постигнува подобрување на животот на човекот, затоа што се постигнува подобрување на сигурноста барем за делови од иднината. Затоа науката е тешка, особено екстрактите – математичките методи и филозофијата: Дословно газиме по трња до ѕвездите (Per aspera ad astra) со цел „патиштата Господови“ да станат наши т.е. што помалку чудни. Притоа, многумина вака „измачувани“ особено во училишните и студентските денови, многу добро сфаќаат дека нема никогаш да се случи 100%-но точно предвидување, па макар ја имале и целата наука на дланка. Секое тврдење исклучиво за во идно време е веројатносно, но тоа не е такво разочарување за да се кренат раце од наука, напротив.
Од друга страна, пак, колку е некој поблиску до 100% будалеста непросветленост, „чудата“ преовладуваат во неговиот живот, дури и ги поканува. Јасно е и зошто: Да се биде сведок на чудо е всушност крај на „тортурата“ за потрага по вистината. Тоа е рецептот за инстант чувство на сигурност, но е само чувство. Тоа е утеха и прекин на дејствата за влијание врз сопствената иднина. Тоа е момент кога целата своја судбина (иднина) му ја предава на „битие“ специјално измислено за постигнување на тој раат. За возврат, ќе ги трпи патем и неизбежно намножените „лоши чуда“ како „волја“ на тоа битие. Но, кој друг ако не математичар, ќе расипе работа на раатот: Лајбниц е особено познат по Принципот за доволна причина, односно дека сѐ си има свое „ако“. Дека чудата не се возможни. Дека ден за ден нижеме причини и последици и се обидуваме, не само да предвидуваме, туку и да предодредуваме. Да влијаеме на иднината, да си „местиме“ да ни биде подобро, најмалку на индивидуално ниво, но цивилизирано, без да се оштетува друг, а со стремеж (многу важен за цивилизираноста), на што повеќемина да им е подобро. Па сега, несериозното сфаќање на врската меѓу причините и последиците, како и кршењето на Законот за неконтрадикција (А и не-А не може истовремено) преку мешање на методите на демократијата (инаку – хегемонија на А, море еј!), не е ништо друго освен незрелост за вклучување во човечката цивилизација.
Македонија има веќе одамна изразено желба да биде дел од напредната цивилизација како стратешка определба, но дали таа определба е сѐ уште вистинита? Па секој би се посомневал кога би ги видел парадите на кич-резон, манипулации и анти-ЕУ подбуцнувања од шеф, (не помалку!), на битна партија (ВМРО-ДПМНЕ) којашто, пак, уште и уверува дека била про-европска.
Замислете сега во една држава критична маса која ем не разбира дека стандарди како оние на ЕУ се големо подобрување на услугите од државата, ем сите тие луѓе се истопоруваат како одлучувачи за државата – сите гласаат против влез на ЕУ стандардите. А воедно тоа е држава што изразила желба да се приклучи на цивилизацијата. Ова е можна слика на Македонија, доколку се остават ретроградните да зафатат голем удел во гласањето, но не важи за Албанија, на пример, бидејќи и со површен преглед се издвојуваат повеќе индикатори дека логичките столбови таму не се од стиропор. На пример, паѓа в очи огромниот процент на нерелигиозни во Албанија, што може да укажува на помала подложност за уважување „чуда“. Односно, Законот за доволна причина, Законот за неконтрадикција итн., таму се земаат за посериозна работа отколку што е тука случај. Да, Македонија има веќе одамна изразено желба да биде дел од напредната цивилизација како стратешка определба, но дали таа определба е сѐ уште вистинита? Па секој би се посомневал кога би ги видел парадите на кич-резон, манипулации и анти-ЕУ подбуцнувања од шеф, (не помалку!), на битна партија (ВМРО-ДПМНЕ) којашто, пак, уште и уверува дека била про-европска. Односно, на збор е, а суштествено – не е. О’Брајан, којшто не е било кој, не се стеснуваше да го каже тоа со стилска фигура, но јавно.
Сликата им е јасна за 1 секунда, и на О’Браен, и на Блинкен, и на Агелер, и на Коп, и на сите европски и американски претставници, та не се од вчера: ЕУ не му одговара на ВМРО-ДПМНЕ оти просторот за матење вода се намалува и мораат да тераат со друга агенда, додека пуштаат летки дека биле „проевропски“ колку да можат уште да играат.
Колку беше срамен тој фестивал од нонсенс контрадикторности, манипулации со патос, црвени харинги и сламени човечиња од шефот на ВМРО-ДПМНЕ на прес: „…предизвиците со коишто се соочи македонскиот народ и Македонија на тој пат кон ЕУ, предизвици коишто ниту еден народ во Европа ги немаше…“ Никој ли немал почитување договори во својата Преговарачка Рамка, па милион пати е раскажано како Хрватска и Словенија имаа сериозни проблеми! Но, за да манипулира мора да го ослаби тој аргумент до тотално игнорирање, а врз оваа неточност повикува емоции за нефер специјален третман кон Македонија. Секако дека намерата е конзуматорот на ова да се почувствува лошо. Очигледно, смета дека (му) е од корист предизвикување на негативна емоција кон ЕУ. Потоа, за предизвиците, „…Ниту една држава која што претходно беше дел од поранешниот Варшавски блок ги немаше, како што тоа го имаше македонскиот народ.“ Ајде малку и црвени харинги на одвлекување внимание, во име на компарација со нешто што нема врска со Македонија. Ниеден аргумент што би важел за земјите од бившиот Варшавски блок не важи, ниту може да важи за Македонија. Ако мисли да направи градација, тогаш плус покажува големо незнаење или игнорирање на интересите на големите сили, што само по себе е работа на сопствена (и наша!) штета. Тие спаѓаат во услови во „ако“-то, а ваму сакаш ем да „редиш“ иднина, ем да ги игнорираш!
Потоа, уште, манипулацијата со патосот ја повторува и дополнително засилува, „…да биде уценувана, да биде шиканирана…“. Ова е веќе срамно, дури и за анализа. Од вакви работи претставниците на ЕУ и САД сигурно заклучуваат дека невозможно е да бараш да бидеш дел од ЕУ, ако мисиш дека ЕУ е уценувач и шиканирач, не? Еден САД или ЕУ претставник сигурно за секунда ќе се запраша – дали од ВМРО-ДПМНЕ не се информирани дека ветото со кое Бугарија ги бараше сите работи од „Објаснувачкиот меморандум“ всушност се укина со изгласувањето на Рамката од бугарското Собрание уште во јуни 2022 и тоа, по усвојувањето на македонските услови за прифатливост на истата? Дека Рамката не ги содржи небулозите што ги споменува шефот на ВМРО-ДПМНЕ како услови? Дека токму идентитетот, културата, традицијата и обичаите воопшто не се предмет за „полагање“ во ЕУ? (Всушност, полагање е вистинскиот збор, „преговори“ е еуфемизам). Ако не се неинформирани, тогаш, следнава реченица на шефот на ВМРО-ДПМНЕ, како инаку да се сфати, освен како стратегиска манипулација за внатрешно собирање гласови врз основа на вето што токму ВМРО-ДПМНЕ го наметнува врз Македонија, инсинуирајќи дека трае ветото од Бугарија: „… да ѝ биде ставано вето за причини кои што немаат никаква врска со Копенхагешките критериуми, туку исклучиво поради себични причини, атак и удар врз нејзиниот идентитет, култура, традиција, обичаи.“ Е, па, денес признавањето на бугарското малечко малцинство е Копенхагеншки критериум за кој „проевропско“ ВМРО-ДПМНЕ не гласаше и така ѝ наметнува вето на Македонија кон ЕУ!
Еден САД или ЕУ претставник сигурно за секунда ќе се запраша – дали од ВМРО-ДПМНЕ не се информирани дека ветото со кое Бугарија ги бараше сите работи од „Објаснувачкиот меморандум“ всушност се укина со изгласувањето на Рамката од бугарското Собрание уште во јуни 2022 и тоа, по усвојувањето на македонските услови за прифатливост на истата? Дека Рамката не ги содржи небулозите што ги споменува шефот на ВМРО-ДПМНЕ како услови? Дека токму идентитетот, културата, традицијата и обичаите воопшто не се предмет за „полагање“ во ЕУ?