„Претпоставувам дека тука некаде е темата, бидејќи не гледам проблем во препораките на ОБСЕ- ОДИХР, досега не сум слушнал дека некој реагира на тие препораки. Претпоставувам дека за тој дел станува збор, но како и да е треба да се обезбеди консензус. Секако, Изборниот законик и финансирањето на кампањите од државниот буџет беше тема години наназад и тогаш кога се носеше таа одлука објаснувањето беше – да се финансираат од државниот буџет за да нема надворешни влијанија во партиите, да не дава некакви концесии кон одредени финансиери во однос на изборната кампања или по завршувањето на изборите. Тогаш логиката беше таа, но доколку партиите обезбедат консензус, ќе го почитуваме тоа. Како претседател имам задача предлогот што ќе стигне од пратениците да го ставам на седница, “рече претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Јован Митрески во емисијата „360 степени“ на МРТ 1, во врска со измените на Изборниот законик и предлогот платеното политичко рекламирање да не биде повеќе на товар на државата, како причина зошто измените на се уште не се на дневен ред пред пратениците.
Во врска со пополнувањето на испразнетото место во Државната изборна комисија и бојкотот на Собранието од опозициските партии на Албанците поради тоа што сметаат дека таа позиција им припаѓа ним, Митрески посочи дека тој остварил средба со нив веднаш по преземањето на функцијата и дека разговарал за да се надмине овој проблем. Собранискиот спикер вели дека проблемот е во читањето на законот бидејќи не може точно да се одреди која партија спаѓа во опозициската гарнитура.
„БЕСА влегла со коалицијата „Можеме“, па излегла, па влегла „Алтернатива“ која била во коалиција со „Алијанса“, па излегла. Јас побарав од нив тие два предлози што се на Комисија за избори и именувања да дојдат до пленум за да ја отвориме дебатата во пленарната сала и да се најде начин да разговараат пратениците, па и политичките партии, за да обезбедиме 80 гласа за еден од кандидатите. Изборот на кандидат за ДИК се врши со двотретинско мнозинство така што тука не може да дојде до ситуација за надгласување дали ќе биде еден кандидат или ќе биде друг. На крај, треба да се седне и да се разговара “, рече Митрески.
Тој потенцираше дека нема да дозволи да има гласање за последниот член на комисијата, без притоа да добие цврсто уверување дека веќе има обезбедено двотретинско мнозинство за еден од кандидатите, бидејќи доколку изборот пропадне, целиот процес започнува одново, а доколку не се избере нов член, ќе биде оставена дамка на изборниот процес.