Премиерот на техничката Влада Талат Џафери, денеска се сретна со амбасадорката на Швајцарската Конфедерација во земјава, Вероник Улман Марти, на која беа потврдени заложбите на двете земји за соработка, меѓусебно почитување и пријателство меѓу двете држави и изразија задоволство од 30-годишниот јубилеј на дипломатските односи кој се одбележува токму оваа година, информира владината прес-служба.
На средбата Џафери истакнал дека во изминатите 30 години, е воспоставена и развиена одлична соработка на сите нивоа – Влада, Собрание и граѓани, како и дека нашата бројна заедница која живее во Швајцарија, е силен мост на поврзување меѓу двете земји.
Понатака, тој потенцирал дека Северна Македонија високо ја цени подготвеноста на Швајцарската Конфедерација за развојот на Република Северна Македонија, преточена во Стратегијата за поддршка.
-Како најголем билатерален донатор на нашата земја од осамостојувањето до денес, поддршката и развојната помош на Швајцарија за Северна Македонија го помага не само демократскиот развој на земјата, туку е и комплементарна со европската интеграција, рекол Џафери.
Амбасадорката Улман, му го честитала изборот на Џафери истакнувајќи дека Северна Македонија уште еднаш покажала дека е успешен пример за функционална мултиетничка демократија и дека поставува стандарди кои треба да ги следат и други земји во регионот и светот.
-Поздравувајќи го јубилејот од 30 години дипломатски односи, Улман изрази задоволство што двете земји постигнаа многу резултати во тој период и можат да бидат горди на успесите, се вели во соопштението од Владата.
На средбата се разговарало и за актуелни прашања од внатрешно-политичките состојби во Северна Македонија и одржувањето на претстојните избори.