Финансиската поддршка од државата со предлог-законот и договорите е дефинирана на 17% што на предвидена инвестиција од 290 милиони евра изнесува нешто под 50 милиони евра. И веднаш ќе кажам дека компанијата е обврзана уште по првиот ден да ги плаќа сите давачки кон државата, вклучително придонеси за вработените, персонален данок и данок на добивка. Значи нема никакви ослободувања, изјави директорот на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони, Јован Деспотовски за „24 инфо“ во врска со енергетската стратешка инвестиција за изградба на конегергетивната централа на Митилинеос.
Како што истакна тој, само по оваа основа, согласно деловниот план доставен за 30 години, државата ќе приходува помеѓу 120 и 150 милиони евра, односно на секое евро вложено во проектот во буџетот на државата ќе и се слеат помеѓу 2,5 и 3 евра.
„Во изминатиот период со новиот пристап на работење што го воведовме пред три години, успеавме износот на инвестиции да биде значително поголем во однос на минатата декада, а притоа обврските на државата за финансиска поддршка да ги преполовиме, а во некои случаи и да ги намалиме за повеќе од 60% во однос на она што било пракса претходно кога странските инвеститори биле ослободувани од сите давачки а добивале помош“, нагласи Деспотовски.
Директорот на ТИРЗ додаде дека само минатата година во буџетот се слеани близу 75 милиони евра, а државата има исплатено помалку од 20 милиони евра државна помош.