Јас ќе бидам повторно премиер и проевропската влада која ќе ја предводам ќе биде онаа влада која ќе обезбеди членство за земјата во ЕУ до 2030 година, порача претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски во интервју за Слободен Печат.
Тој е убеден дека СДСМ и проевропската коалиција на изборите ќе добијат многу повеќе од 61 пратенички мандат колку што е потребно за составување на новата Влада.
„За формирање на влада согласно важечките закони во земјата, потребно е мнозинство од 61 мандат, а СДСМ и проевропската коалиција ќе имаат и многу повеќе пратенички места, што ќе обезбеди и продолжување на европскиот пат, но и непречено спроведување на политиките кои ќе значат подобар живот за граѓаните. Погледнете што сè постигнавме изминативе години дури и во услови на активна блокада на Собранието од страна на опозицијата. Јас сум убеден дека во следниот мандат ќе постигнеме и многу повеќе и тоа ќе биде многу побрзо, за да можат граѓаните што поскоро да ги почувствуваат придобивките од евроинтеграцијата и правилните политики кои ги спроведува СДСМ. На парламентарните избори ќе победи СДСМ и проевропската коалиција, а јас ќе бидам повторно премиер„ посочи Ковачевски.