Албанските медиуми денеска известуваат за пристигнувањето на Зеленски во Тирана во рамки на Самитот Украина – Југоисточна Европа, целосно посветен на Украина. Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, за првпат е во посета на Тирана, синоќа пристигна во Албанија.
По тој повод, во Тирана над 1.600 полицајци се на терен, вклучително и силите РЕНЕА и Националните безбедносни сили. Тие им се приклучија на украинските безбедносни сили кои се во подготвеност за да обезбедат непречено одвивање на целиот состанок и Самит.
Во продолжение се темите од денешниот редакциски избор на ЦИВИЛ Медиа, од албанските медиуми во регионот.
АЛБАНИЈА
Панорама: Зеленски за прв пат во Албанија на Самитот Украина- Југоисточна Европа
Албанија денеска е домаќин на Самитот Украина – Југоисточна Европа, целосно посветен на Украина, на само неколку дена од втората годишнина од почетокот на руската агресија во Киев.
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, за првпат е во посета на Тирана,синоќа пристигна во Албанија.
Зеленски беше пречекан од министерот за надворешни работи Игли Хасани и државниот министер за односи со парламентот Елиса Спиропали.
Министерот Хасани преку објава на социјалните мрежи пишува дека ова е клучен момент за унапредување на билатералните врски. Министерот наведува и дека се солидарни со Украина, пренесе Панорама.
Визион Плус: Зголемена безбедноста за доаѓањето на Зеленски, снајперисти на зградите на институциите, украинските безбедносни сили во Тирана
Посетата на украинскиот претседател Володимир Зеленски на Тирана беше организирана под строги безбедносни мерки.
Над 1.600 полицајци се на терен, вклучително и силите РЕНЕА и Националните безбедносни сили. Тие им се приклучија на украинските безбедносни сили кои се во подготвеност за да обезбедат непречено одвивање на целиот состанок и самит. Се дознава дека имало и претходни комуникации меѓу безбедносните органи за безбедносни мерки, пренесе Визион Плус.
Балкан Веб: Историјат на односите меѓу Албанија и Украина
По почетокот на инвазијата на Украина од страна на Русија, на 24 февруари 2022 година, Албанија се построи покрај Европската унија и Соединетите Американски Држави за поддршка на Украина.
Во рамките на оваа поддршка, одобрени се неколку одлуки со кои на граѓаните на Украина им се овозможува влез и престој без дозвола за престој во Албанија во период од една година.
Според податоците на Меѓународната организација за миграција (ИОМ) за 2022 година, од 32 илјади Украинци кои влегле во Албанија по почетокот на војната, околу 2.500 останале по 2022 година во оваа земја.
Министерката за Европа и надворешни работи на Албанија, Олта Џачка, во јануари минатата година изјави дека Албанија ќе отвори амбасада во главниот град на Украина, Кијив. Сепак, тоа се уште не се случило.
Дипломатските односи меѓу двете земји беа воспоставени на 13 јануари 1993 година, додека Украина ја отвори својата амбасада во Тирана во септември 2020 година.
За нејзин амбасадор е назначен Володимир Шкуров, кој се уште е на функцијата.
Во областа Одеса во Украина живеат околу 3.500 Албанци./ Балкан Веб.
КОСОВО
РТВ 21 -Експерти: Ситуацијата на северот на Косово е стабилна, но можни се напади врз полицијата и општинските згради
Во општина Звечан состојбата е мирна, по повлекувањето на војниците на КФОР од општинската зграда. Само една единица од косовската специјална единица стои пред зградата на општината.
За експертот за безбедност, Арбен Дашевци, повлекувањето на војниците на КФОР од општинските згради на север покажува дека ситуацијата оди кон стабилизација.
„Тоа што третиот одговор, односно КФРО, излегува од зграда значи дека тие ја направиле нивната анализа дека ситуацијата се движи кон релаксација и стабилизација и третиот одговорен му ја предава задачата на првиот што одговара“, Арбен Дашевци за РТВ 21.
Стејт Департмент: Разговорите за регулативата на ЦБК треба итно да продолжат
Американскиот Стејт Департмент соопшти дека разговорите во Брисел за регулативата на Централната банка на Косово (ЦБК), која забранува употреба на српскиот динар на Косово, „мора итно да продолжат“.
„Дијалогот со посредство на Европската унија е вистинскиот канал за решавање на прашањата поврзани со нормализацијата на односите меѓу Косово и Србија“, рече портпаролот на Стејт Департментот, пренесе Клан Косова.
КОЛУМНА
Коха: Каде си видел Србин да гледа напред?
„Тројца српски писатели, двајца современици, еден од далечни времиња, ги разоткриваат недостатоците на српското општество. Со сарказам, иронија, често со остар јазик се спротивставуваат на слабиот имунолошки систем на нацијата“, пишува авторот Енвер Робели во колумната „Каде си видел Србин да гледа напред?“, објавена во Коха.
Подготви: Д. Тахири / Цивил Медиа