Шефот на Мета, Марк Цукерберг денеска се сретна во Сеул со јужнокорејскиот претседател Јун Сук Јеол, со кого разговараше за соработката на полето на вештачката интелигенција и начините за спречување на циркулацијата на лажни вести во пресрет на клучните избори, соопшти канцеларијата на Јун.
Цукерберг е на мини-турнеја низ Азија, која вклучуваше посета на Јапонија, плус тридневна посета на Сеул, каде што се сретна со деловни лидери од електронските гиганти Samsung и LG. Следната држава што тој ќе ја посети е Индија.
Јун и Цукерберг разговараа за соработката меѓу јужнокорејските компании и Мета „како и за визијата за создавање екосистем за дигитална вештачка интелигенција“, изјави за новинарите Сунг Тае-џун, шеф на службата за политика на Јун.
– Јун ја нагласи водечката позиција на јужнокорејските компании на пазарот на меморија за системи со вештачка интелигенција и побара од Цукерберг да воспостави блиска соработка со нив, рече Сунг Тае-џун.