ТИНА ИВАНОВА
Нема музика, нема држава
За огромните заложби на Тодор Скаловски да заживее овој оркестар, и не само да заживее, туку и да прерасне во квалитетен и почитуван ансамбл, говорат и самите негови искази поместени во дел од книгата „Тодор Скаловски – живот и дело“, кога било неопходно да се засили оркестарот со музичари од Трстјанската филхармонија. „За музичарите од Трстјанската филхармонија се потребни девизи и плата. Директорот Скаловски му се обраќа на претседателот Лазар Колишевски и, преку него, на Јосип Броз Тито. ’Секогаш кога имав потреба, одев кај него. Ме примаше веднаш или другиот ден. – Каква музика, таква држава, претседателе! Држава без музика не бива. Музиката бара пари – му велам. – Знам, јас, Тодоре, што е музиката и колку чини! Ама смали го бројот на музичарите. (Јас му барав девизи за 27 музичари.) – Знаеш ли ти, Тодоре, колку бараш? Ние затвораме фабрики, отпуштаме француски, германски инженери… Немаме девизи, Тодоре. Дај, смали го бројот. Јас го намалив, а тој, ми вели: – Уште малку. Дојдов до бројот 13. – Смали уште! – Ако е така, еве ви го клучот од Филхармонијата. (Го извадив клучот и го ставив на маса.) Нема оркестар, нема опера, нема држава… – Што е ова, бре, Тодоре? Тебе не можам да те одбијам. Што ќе да е ова, не знам, ама тебе, навистина, не можам да те одбијам… За тежините што ме мачеа, дискутирав и со Јосип Броз Тито, секогаш кога имав можност да бидам во негово присуство.“ („Тодор Скаловски – живот и дело“, стр. 48)
Од Филхармонијата на тогашна Социјалистичка Република Македонија, ќе биде овозможено и формирањето на Операта и Балетот при тогашниот Македонски народен театар во Скопје, па така во 1949 година оркестарот ќе се префрли во театарот. Но, тоа биле денови кога симфонискиот и концертниот живот бил сведен на минимум. Скаловски ќе запише: „Со цел симфонизмот и понатаму да го задржи своето место во редовите на културните активитети во нашата Република, на 20 март 1950 година, се свика основачко Собрание за создавање Македонска филхармонија.“ („20 години Филхармонија на СРМ, 1944 – 1964“) На Собранието е избрана управа на чело со Тодор Скаловски како претседател и Благоја Календаров како секретар. Така, оваа институција станува „установа од републичко значење под непосредно раководство и надзор на Министерството за наука и култура“. (Уредба за основање Државна филхармонија на НРМ – „Службен весник на НРМ“. Скопје, 15.05.1950 г.)
Но, една година пред Државниот симфониски оркестар да добие свој покрив, во неговите редови доаѓа славниот диригент Ловро Матачиќ, кој во Скопје ќе остане четири години, а неговата работа ќе донесе незаборавни музички доживувања кои и денес, за оние што паметат, се репер за квалитетно интерпретирана програма.
Филхармонијата ќе има растечки мигови, но и свои падови, како и секое големо уметничко тело. Но ќе доживее навистина значајни настани што нема да се заборават, кои ќе се прераскажуваат со генерации. Ќе го продолжи својот пат во осознавање, како што ќе запише музичкиот критичар Владо Чучков, во „барање, стремежи, разочарувања и успеси“. Маестро Тодор Скаловски ќе каже дека задачите и обврските што Филхармонијата ќе ги зеде врз својот грб нема да бидат мали, ниту лесни. „Нејзината дејност како врвно музичко-уметничко тело не можеше да остане само како достоинство за мал број луѓе; таа мораше да ја раскине оградата, мораше на слушателот да му биде прикажана како специфична и естетска реалност, како свесно уметничко создавање и уште повеќе како организатор, педагог и препородител на нашиот нов социјалистички човек. Но, вака организирано поставена, Филхармонијата не можеше да одговори на барањата што ги наложуваше брзиот културен и уметнички растеж на нашиот главен град, така што императивно се налагаше создавање нови концепции, што ќе рече создавање професионална база. Сето ова ја наложи потребата Македонската филхармонија да биде и официјално оформена како државна самостојна установа.“ („20 години Филхармонија на СРМ, 1944 – 1964“)
Токму затоа, овој период ќе биде идеален за создавање помало оркестарско тело што ќе работи во рамките на Филхармонијата – Камерен оркестар, „чиј прв концерт ќе биде одржан во некогашната сала на оваа институција – поранешниот културен дом на ДСВР и тоа со следната програма: Чимароза – предигра кон операта ’Таен брак‘, Концерт за соло флејта, харфа и камерен оркестар од Моцарт и Симфонија во Ес-дур од Хајдн, со флејтистот Јаков Срејовиќ, проф. на Музичката академија од Белград, и Јосип Пикељ, харфист на Белградската филхармонија како солисти, а под диригентство на Скаловски“. („20 години Филхармонија на СРМ, 1944 – 1964“) Камерниот оркестар, во чии редови ќе бидат млади ентузијасти, и кој ќе дава концерти во и надвор од земјава, се разбира и како редовен учесник на фестивалот „Охридско лето“, ќе претставува важен дел од културниот развој на музичкиот живот во Македонија.
Се нижат концерти
Македонската филхармонија, тогаш наречена Скопска филхармонија, во првата декада и нешто повеќе, како што сведочи Скаловски во своите записи, ќе биде во потрага по свој постојан дом, за да се смести во 1956 година во составот на Радио Скопје. Тоа ќе биде период кога таа ќе се соочува со кризи, од финансиска, организаторска и особено од репертоарска природа. Сепак, значајно е да се спомене дека во сезоната 1956/1957, таа првпат во Скопје ќе го изведе грандиозниот „Реквием“ од Моцарт (24 декември 1956) со солистите: Павлина Апостолова (сопран), Ана Липша-Тофовиќ (алт), Петре Богданов-Кочко (тенор), Методија Илиевски (бас), Хорот на Операта при тогашен МНТ исполнет со хористи од скопските културни друштва (вкупно 110 хористи), под диригентство на Тодор Скаловски, дело што е крупен залак и за оркестрите со огромна традиција зад себе. Сепак, наведуваат некои биографи, Македонската филхармонија во тоа време ќе значи оркестар на Скопската радиостаница и нема да ги постигнува резултатите што од неа ќе се очекуваат. Дел од своите концерти ќе ги одржува во некои училишта, па и во фабрики, со цел да ја доближи класичната музика и до пошироката публика. За Скаловски, „врзувањето на Скопската филхармонија за радиостаницата го обврзува филхармонискиот оркестар своите планови да ги приспособува кон барањата на радиостаницата, што ја попречува нејзината самостојна дејност. Ова дотолку повеќе, што радиото нема интерес да ги финансира симфониските концерти што се одржуваат бесплатно по разни школи и фабрики… Излез од оваа ситуација Скаловски гледа во одделувањето на Скопската филхармонија од радиостаницата, со што Филхармонискиот оркестар би делувал како сосема самостојно уметничко тело…“ („Нова Македонија“, 1959, Бранко Каракаш)
И покрај проблемите, Филхармонијата ќе продолжи да работи со истиот ентузијазам како и на почетокот, ќе почне да го зголемува репертоарот, да ја збогатува програмата, а во нејзините редови ќе доаѓаат нови музичари. 1960 година ќе биде годината кога оваа институција, барајќи во меѓувреме решенија за нејзиниот конечен статус, кои, пишува Скаловски, ќе бидат соодветни на нејзините дотогашни успеси, ќе го најде својот израз, кога дефинитивно ќе биде прогласена за самостојна уметничка установа со решение на Републичкиот извршен совет. „Токму овој период на работа може да се нарече трета етапа од развојниот пат на ова наше симфониско тело. Тоа е етапа на борба за квалитет, етапа на консолидирање на своите редови во самиот изведувачки апарат.“ („20 години Филхармонија на СРМ (1944 – 1964)“) Истата година, Филхармонијата ќе го има и своето претставување надвор од границите – во Белград, Нови Сад, Крагуевац, Ниш (од 14 до 18 април) со славниот солист на пијано Ладислав Палфи и диригентот Скаловски. Со комплексна и атрактивна програма: увертирата „Ифигенија во Аулида“ од Глук, Класична свита за флејта, обоа и гудачки оркестар од македонскиот композитор Томислав Зографски, Концерт за клавир и оркестар во Ес-дур од Франц Лист и Симфонијата бр. 2 во Д-дур од Лудвиг ван Бетовен. Потоа во јуни, пак, ќе концертира во Равена, Италија, а во декември, во Бугарија. Се нижат симфонии и концерти на Бетовен, Менделсон, Брамс, Моцарт, Вебер…, но не само што нема да биде изоставено и македонското творештво, туку на него ќе се даде посебен акцент, како национално богатство, како уметност што се создава на наша почва, како паралела со она што го работат светските композитори. Ќе бидат изведувани дела на втемелувачите на нашата творечка култура, Тодор Скаловски и Трајко Прокопиев, како и на нивните наследници Властимир Николовски, Томислав Зографски, Тома Прошев, Благоја Ивановски, Кирил Македонски, Сотир Голабовски, Александар Лековски, Тома Манчев, Стојан Стојков… Но, на овој подиум, заедно со Филхармонијата, ќе застанат и врвни македонски солисти, меѓу нив и Ладислав Палфи (пијано), Ана Липша-Тофовиќ (алт), Данка Фирфова (сопран), Марија Мирчов Скаловска (сопран), Зина Креља (сопран), Фанка Икономова (сопран), Ратка Димитрова (виолина), Зоран Димитровски (виолина)…
Всушност, страниците на македонското музичко творештво и исполнителство ќе добијат нова димензија со постоењето на Македонската филхармонија. Композиторската музичка школа поради симфонискиот оркестар ќе ги прави и првите обиди и во оваа сфера ќе отиде многу понапред од хорското творештво, од камерните дела, од соло-песните или солистичките композиции. Композиторот Властимир Николовски, во овој контекст ќе запише: „Звучењето на првите тактови на ’недовршената‘ симфонија на Шуберт под диригентската палка на Тодор Скаловски, Седмата од Бетовен со Ловро Матачиќ и др., даде импулс да се појават Скерцото на Тихомир Карапанчев; симфониската поема ’Разделба со родниот кат‘ на Благоја Ивановски и симфонијата на Глигор Смокварски. Овие творби и покрај сите неиздиференцираности го навестуваат она што утре ќе се терминира како вистински професионализам и открија нова етапа во македонското музичко творештво. За одбележување е фактот, што овие први композиторски имиња поникнаа токму од оркестарот на Македонската филхармонија…“ („1944 – 1974 Македонска филхармонија“)
Ова се само дел од пластичните податоци за почетоците на Македонската филхармонија. Почетоци што тргнаа со убава и со младешки елан и ентузијазам започната идеја на неколкумина музичари, која подоцна ќе прерасне во институција со која ќе се гордее македонската држава. Се разбира, како и за секој почеток, има и прапочеток, па така и Македонската филхармонија имала свој предвесник. Професионалното симфониско музицирање на овие простори почнало уште во 20-тите години на минатиот век, кога оркестарот на скопскиот гарнизон под палката на маестро Леополд Дворжак одржувал концерти на кои, меѓу другото, биле изведени сите симфонии на Лудвиг ван Бетовен, без неговата Деветта. А, десет години потоа, пишува во брошурата „1944 – 1974 Македонска филхармонија“ (издание на самата институција, чиј уредувач е композиторот и музикологот Драгослав Ортаков), во Скопје се формира музичко-драмско друштво, во чиј симфониски оркестар, покрај воените музичари, учествувале и повеќе наставници на тогаш новоформираната Музичка школа „Мокрањац“. Иако овие обиди биле инцидентни, сепак, имале огромна улога во подоцнежното формирање на Филхармонијата. Тие и не можеле да донесат некои поголеми резултати со оглед на политичката клима, во услови на негирање на националната самобитност.
Матачиќ
За првите искри во развојот на оваа институција, не смее да се заборави огромниот влог на многу музичари – солисти, композитори, педагози. Но, имињата на неколкумина диригенти особено нема да изостанат, зашто тие ќе придонесат за зацврстување на неговата структура, ќе направат здрава клима за уметност, ќе отворат нови хоризонти. Еден од најзначајните мигови во растежот на Филхармонијата е присуството на славниот хрватски диригент, композитор и оперски режисер Ловро Матачиќ (1899 – 1985), кој во Скопје ќе дојде во 1948 година.
„Маѓесникот-диригент“, како што ќе го нарече композиторот Петре Богданов-Кочко. Со Филхармонијата, како и со Операта, тој ќе оствари значајни резултати, за кои и денес се зборува како своевидна револуција во македонскиот музички живот. За време на својот четиригодишен престој, тој ќе внесе нова, свежа програмска концепција и во исто време ќе делува и во професионалното образување на музичките кадри. Матачиќ, по Првата светска војна, ќе работи во Осиек, Нови Сад, Љубљана, Белград, Рига, Загреб, ќе биде директор и диригент на Белградската опера и диригент на Белградската филхармонија… По отпочнувањето на Втората светска војна и востановувањето на Независната Држава Хрватска, пак, ќе се пресели во Загреб каде што ќе работи како уметнички директор на Загрепската опера. Но, како припадник на војската на НДХ, по ослободувањето, новите југословенски власти го осудуваат на пет години затвор поради соработката со овој режим. Помилуван е по една година и од февруари 1948 до мај 1953 година ќе престојува во Скопје. Името на Ловро Матачиќ, паметат повозрасните, сведоците на неговото делување во Скопје и во Македонија, е врзано за крупни настани од музичкиот живот.
Приказната за доаѓањето на Матачиќ во нашиот главен град, раскажана од неговиот колега и добар пријател Тодор Скаловски
Еве ја кусата приказна за доаѓањето на Матачиќ во нашиот главен град, раскажана од неговиот колега и добар пријател Тодор Скаловски: „Ловро беше душа од човек. Несебично се даруваше и ни помагаше. – Не само од мене да учиш, Тодоре! Мораш да учиш и од други. И јас сум учел. Со Петре Богданов-Кочко (македонски композитор и оперски пејач, 1913 – 1988) отидовме да го ослободиме од затворот во Загреб. Лазо Колишевски ни даде одврзани раце. – Прави сè што треба, само, јас, да знаеш, не сум ти рекол, ништо не знам. Го ослободивме и го донесовме во Скопје. – Тошо, ти ме воскресна од мртвите – изјавуваше Ловро често! Побарав од Тито да му дозволи да диригира јавно. – Ако дозволам кај вас да диригира јавно, значи ли тоа дека Македонија не е рамноправна со другите републики? Или во сите или во ниедна! Ми рече, со право“. („Тодор Скаловски – живот и дело“, стр. 49)
Матачиќ ќе донесе прогрес, ќе го мотивира не само оркестарот на Македонската филхармонија за поинакви идеи, за работа, туку ќе го подигне на многу повисоко ниво воопшто музичкиот живот во Македонија, а особено педагошки ќе влијае на новите генерации музичари. Ќе претстави нови дела, стилски поинакви од дотогаш изведените, ќе донесе естетска разновидност. Ако ги прашате сите оние музичари што имале среќа да го запознаат големиот маестро одблизу, да соработуваат со него, едногласни се во впечатокот дека тие средби ќе останат врежани во нивните сеќавања засекогаш. Петре Богданов-Кочко, сеќавајќи се на работата, на пробите со диригентот, пишува: „Кога зборуваме за Ловро Матачиќ, за еден уметник, веднаш треба да истакнеме дека неговата личност е органски врзана првенствено за професионалното оформување на нашиот репродуктивен музички храм, а посебно за Македонската филхармонија. Диригентот-педагог Ловро Матачиќ со својата четиригодишна присутност остава неоспорни музичко-стилски постулати, кои и ден-денеска зрачат, се разбира, преку најмаркантните македонски оркестарски музичари, како непоколебливо музичко-оркестарско ’кредо‘… Ловро Матачиќ тоа музичко ’кредо‘ секојдневно, настојчиво и доследно го спроведуваше на одделните и на заедничките проби со нашиот штотуку оформен, комплетен симфониски состав. Јас, како музичар, научив, во тие неуморни и неограничени оркестарски проби, дека и најсложената музичка материја и со тогашниот штотуку оформен и технички до крај неиздиференциран симфониски состав може со таков настојчив педагошки подход да сумира, од концерт во концерт, сè повидни и повпечатливи резултати… Треба да се подвлече дека сите генерални проби на Филхармонијата беа проследени со занимливи и популарни коментари за застапените композитори и за нивните музичко-стилски карактеристики. Тоа беа незаборавни музичко-естетски ориентири за формирање на вкусот на нашата концертна и оперска публика“. („1944 – 1974 Македонска филхармонија“)
Музикологот Драгослав Ортаков, пак, ќе запише дека Матачиќ особено огромно влијание извршил врз младите музички уметници. „Големиот мајстор на диригентската палка ги воведува во широкиот свет на музиката нашите симфоничари, пред сè оние млади, неискусни ученици на музичкото училиште, кои мораа паралелно со училиштето да се зафатат со одговорни места во оркестарот. Матачиќ им открива нови хоризонти на тие музикални младенци, го вдахновува оркестарот за нови остварувања, го подготвува за совладување на дотогаш неоткриени стилски определувања што навлегуваат дури во звучен амбиент на подоцнежниот европски романтизам…“ („1944 – 1974 Македонска филхармонија“)
За музичкиот критичар Владо Чучков, доаѓањето на реномираниот диригент Ловро Матачиќ ќе претставува посебен настан што ќе остави големи траги во нашиот музички живот. Тој ќе додаде дека под негово раководство, во 1948 година ќе се пристапи кон посистематско студирање на „железниот репертоар“ што секако ќе има и педагошко дејство врз целиот оркестарски колектив. („Петнаесет години Скопска филхармонија 1944 – 1959“)
И во брошурата „25 години Филхармонија на СРМ“ е запишано: „Под раководство на Матачиќ македонските филхармоничари го постигнаа дотогаш својот највисок уметнички дострел, на кој можеа да му позавидат и многу постари симфониски оркестри во нашата земја“. За неговиот престој во Скопје, во една пригода и самиот маестро ќе каже: „Беше тоа прекрасно време… Некоја чудна сила кај луѓето, сите сакаа нешто да градат…, се чувствуваше како да почнуваме од почеток, никој не прашуваше за плата, за број на проби… И успеавме: направивме опера од ништо и дававме извонредни претстави…“ („Интервју“, 1984, Љупчо Самарџиски).
Фотографии: Скенирани од архивата на Филхармонија.
Продолжува…
(На Frontline.mk, по повод 80 годишниот јубилеј на најстарата културна институција – Македонската филхармонија, кој го одбележува токму оваа 2024, ќе бидат објавувани неколку текстови за нејзиниот историјат, со цел читателите подобро да се запознаат со нејзиното функционирање. Текстовите се преземани од монографијата „70 години Македонска филхармонија“, на авторките Тина Иванова и Роза Нолчева)