„СДСМ има јасна визија за Северна Македонија како членка на ЕУ. Имаме јасен план како тоа да го направиме. Ако погледнеме во минатото, СДСМ е партијата која обезбеди кандидатски статус за членство во ЕУ, која обезбеди членство во НАТО и која обезбеди почнување на преговорите со ЕУ по 17 години чекање. Затоа велам дека е факт што без СДСМ не постои Европска Македонија“ рече претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски во утринската програма на Слободен печат.
Тој додаде дека ЕУ е единствената алтернатива бидејќи таа значи економски прогрес, социјална правда и унапредување на демократијата, за разлика од заробената држава до 2016 година без слободни медиуми и со комплетно партизирана и злоупотребувана администрација од страна на ВМРО-ДПМНЕ.
„ВМРО-ДПМНЕ не нуди никаков план за јасен напредок, дури и напротив, може да се слушнат изјави каде велат дека ни за 100 години не треба да станеме членка, можеби и никогаш. Тие ја продолжуваат политиката на Груевски, нивниот поранешен претседател, тоа беа истите ставои. Дури и нивниот претседателски кандидат е со истите ставови. Со нив Северна Македонија ќе се врати во некакви чекални, во мрачно минато на недемократски процеси и назадување на економијата“ рече Ковачевски.
Претседателот на СДСМ додаде дека овие избори и претседателските и парламентарните, се избори меѓу надежта и безнадежноста.
„Ние нудиме надеж, повисоки плати, пензии, повисоки субвенции, а од другата страна имаме нејасен концепт и кога ќе ги прашате дали имаат план ви кажуваат ќе видиме после избори. Докажаа дека имаат само лажни ветувања“ рече Ковачевски.