Ја крунисавме Универзална сала со поставување нова покривна купола. Во тек е реконструкцијата на препознатливиот елемент на мултимедијалниот објект, симболот на солидарно Скопје, објави министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска.
Таа нагласи дека со замена на старата купола непречено се одвива првата фаза од реконструкцијата на Универзалната сала која ќе ја обликува надворешноста на зданието.
„Универзалната сала има долга и значајна културна меморија за градот и државата низ чие постоење се претставувала културата низ различни форми. На публиката и на граѓаните им должиме нова, современа и автентична сала. На дело покажуваме како се грижиме за развојот на културата и нејзината промоција“, истакна министерката во објавата.