Издавачката куќа „Гаврош“, денеска соопшти дека книгата „Бамбино“ на Ника Гавровска и илустрирана од Никола Радуловиќ, која годинава се најде на листата на престижното признание The White Ravens 2023 – каталогот на Меѓународната библиотека за млади лоцирана во Минхен, Гермација (The International Youth Library (IYL), ќе биде преведена и објавена на кинески јазик во издание на издавачката куќа Citic Press.
„Бамбино“ беше објавена кај нас и промовирана во 2022 година.
„Старите раскажуваат дека во сува зима, кога има длабок снег, ако дувне топол ветер, може да те пресретне еднорогиот елен. Тоа е чудовишно животно, магично суштество, те допре ли со рогот – ќе те снема. “
Ника Гавровска (1987) е родена во Скопје. Основач е и уредник на издавачката куќа „Гаврош“. Автор е на сликовницата „Бел“ (2019) илустрирана од Ристо Аврамовски, како и на визуелниот речник за деца „Збор по збор“ (2021) илустриран од Наташа Андонова. Предмет на интерес во нејзините академски истражувања е спрегата помеѓу зборовите, вербалната нарација, и сликата, визуелната нарација, во илустрираните книги за деца.
Никола Радуловиќ (1987, Куманово) дипломирал на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, отсек сликарство, а магистрирал на Националната уметничка академија во Софија, насока – Илустрација. Добитник е на наградата „Борко Лазески“ во 2010 год. Во 2018 година бил добитник на првата награда на „Биеналето на млади уметници“ во Музејот на современа уметност. Дигиталните медиуми, класичната анимацијa и изработката на илустрирани книги се негов главен фокус.
Извор: НоваТВ