Пратеничката Санела Шкријељ коментираќи го гостувањето на секретарот за меѓународна соработка на ВМРО-ДПМНЕ Стефан Андоновски во емисијата Топ тема, каде дебатираат со Бојан Маричиќ, вели дека „повеќе од срамота е секретарот за меѓународна соработка на опозицијата да не ја знае преговарачката рамка“.
„Малку повеќе од срамота е да секретарот за меѓународна соработка на опозицијата не ја знае преговарачката рамка, а ако не се работи за незнаење тогаш само ги потврдува наводите за планот за ширење лажни вести“, вели Шкријељ во објавата на Фејсбук.
Таа појаснува дека „во преговарачката рамка, која секој може да ја прочита, многу јасно е наведено дека ЕУ законодавството ќе мора да биде преведено на македонски јазик и дека земјата ќе мора да обучи доволен број преведувачи и толкувачи потребни за правилно функционирање на институциите на ЕУ при нејзиното пристапување“.