Бај Тошо Обаче
Утро по големиот народен митинг на Коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Во една приградска скопска населба…пробува да се разбуди полека отворајќи го едното око, мижурка додека зрак од дневната светлина му се зарива директно во мозокот.
„Уфф, ама заглавивме синојка во кафана после митингот“ си вели во себе додека преполната бешика од синоќешното прекумерно конзумирање различни видови алкохолни пијалоци му го прекинува излежувањето.
Мора да стане. Се тетерави до тоалетот со несигурни чекори како штотуку да проодил.
Онака мамурен, додека ги извршува физиолочките потреби, се смечка со крајот на усната додека делови од синоќешната теревенка му се враќаат во сеќавањето.
„Ха, им одржавме лекција по патриотизам, ги испејавме сите песни напамет, и не плачи мајко, и не жали, и жали горо, и жална Македонија, и да те питам Бабо“, си вели додека се напрега да се сети на уште некоја песна од патриотско-кафанскиот репертоар.
Нешто го стега на градите. Оди до огледалото, и гледа неколку модринки на градниот кош. Му текнува дека се од удирањео неколкупати во гради, при секое спомнување на главниот патриотски слоган, па си го повторува:
„Да живее Маќедоња, Маќедонја, Маки…Маа…у, да тиб(тииииит) јазикот, пак ми се заплетка…“
И одеднаш, се штеркнува, морници го полазуваат по кичмата, а необјаснив страв му го згрчува желудникот…
“ПАСОШОТ“, извикува панично!
Трча во собата , ја бара ташничката-педеруша што ја носеше вчера вечер меѓу расфрланата облека на подот. Ја наоѓа и нервозно пребарува во вматрешноста, и не забележува дека му се крши продолженото нокте на малото прсте кое му служи за повеќекратна намена: за копање нос, чешање уво и вадење остатоци од храна меѓу забите.
„Фала богу, тука е“, си вели со олеснување додека во рацете го држи бугарскиот пасош, за кој, во еден миг се уплаши да не, случајно, во наплив на патриотизам, го фрлил.
Скраја де е.
Текстот е сатира, презземено од Цивил Медиа