Најмалку 604 цивили беа убиени или повредени во Украина во март 2024 година, што е зголемување од 20 отсто во споредба со февруари 2024 година, соопшти Набљудувачката мисија на ОН за човекови права во Украина во извештајот објавен на нејзината веб-страница.
„Зголемувањето на цивилните жртви во март главно се должи на нападите на руските вооружени сили со користење на проектили и муниција низ Украина и зголемените воздушни бомбардирања во близина на линијата на фронтот“, се вели во извештајот.
Се наведува дека најмалку 57 деца биле убиени или повредени во март, што е двојно зголемена бројка од февруари.
Мини и експлозивни остатоци од војната убиле и повредиле најмалку 28 цивили, вклучително и седум земјоделски работници. Почетокот на пролетната земјоделска сезона го зголеми ризикот за земјоделците кога почнаа да ја обработуваат земјата, се вели во извештајот.
Повеќето цивилни жртви (93,5%), штетите на образовните и здравствените установи (98%) и на критичната инфраструктура (95%) продолжија да се случуваат на територијата контролирана од владата, се додава во извештајот.
Во март 2024 година, големи координирани напади врз критичната инфраструктура уништија или оштетија најмалку 20 енергетски објекти низ целата земја, привремено попречувајќи го пристапот до електрична енергија за милиони луѓе во големите градови и руралните области. Во некои области беше прекинато и водоснабдувањето.
Од почетокот на целосната инвазија на Русија на Украина на 24 февруари 2024 година, мисијата за набљудување на човековите права на ОН во Украина забележа 10.810 убиени цивили и 20.556 ранети во Украина.
Подготви: Ј. Ѓ.