Пишува: ТРАЈЧЕ КАЦАРОВ
Во првите класови на гимназиското образование во наставната програма беше вклучено и изучувањето на латинскиот јазик. По еднаш во неделата на клупата пред учениците изгреваше учебникот по латински јазик – Елемента Латина. Првата лекција не учеше дека: Тerra est stella. Historia est magistra vitae, Concordia patriam firmat.
Овие неколку реченици се само увод во она што сакам да го кажам. А сакам да кажам дека во сентенцата Nomen est omen, верувам колку во методата на Чезаре Ломбросо. Според учениот криминолог формата ја открива содржината. Обемот на главата говори дали човекот е роден да биде убиец, крадец и сл.
Откако еден интелектуалец и висок државен функционер, повеќе не е меѓу живите, ми рече дека човек со три прста чело не може да биде ниту паметен, ниту умен, не правев ништо друго освен што ги мерев челата на луѓето, не помалку го мерев своето.
Како акцијаш во 1983. година, на ОРА САВА, доживеав, две девојки не Македонки со име Боба и Боса, не знаејќи дека се викам Трајче, да ме прашаат: „Дали навистина во Македонската бригада има некој што се вика Трајче?“ Оттогаш Nomen est omen за мене стана сентенца не за помнење, ниту, пак, за употреба.
Кога помалиот од двата сина го крстив Аљоша, не се уплашив дека ќе биде како најмалиот од тројцата браќа Карамазови. Кога постариот син го крстив Мирослав не се возгордеав оти ќе биде што и Мирослав Крлежа или во најмала рака што и Хуан Миро.
Денес во предизборната збунка што ја прават партиите со своите кандидати за кормилари на Страдалницава, кога ќе слушнам дека треба да бидеме горди со Гордана, или максимални со Максим, се прашувам ќе има ли ден кога нашиов народ ќе се свести, односно ќе се разбуди.
Ако преку имињата треба да го кажеме она што ни е потребно, тогаш најдобро ќе биде за претседател на Страдалницава да кандидираме некој со име Трајче. Што им донесе гордоста и желбата за максимално просторно ширење на Античките Македонци, на Римјаните, на Византијците, на Турците, на Французите кога нивните империи не останаа трајни?
Оскар Вајлд во една своја пиеса говори, за да успееш во високите кругови на англиското општество важно е да се викаш Ернест, не Џек.
Да гласаме за Трајче за да бидеме трајни!