Полската полиција приведе 16-годишно момче осомничено дека фрлило молотов коктел врз историската синагога Ножик во Варшава, изјави денеска портпаролот на полицијата за весникот „Ржечпосполита“.
Мотивот зад вчерашното фрлање молотов коктел врз единствената синагога во Варшава што го преживеа нацистичкиот напад за време на Втората светска војна, остана нејасен. Осомничениот одбил да даде изјава.
„Срамотните антисемитски напади како овој не можат да се толерираат денес. Сторителите мора да бидат пронајдени и казнети, објави вчера на „Икс“, израелскиот амбасадор во Полска, Јаков Ливне.
Претседателот на Полска, Анджеј Дуда исто така го осуди фрлањето молотов коктел врз синагогата. „Нема место за антисемитизам во Полска! Нема место за омраза во Полска”, напиша Дуда на „Икс“.
Синагогата од 1902 година, во центарот на градот на левиот брег на Висла, денеска е главната синагога во Варшава.