Дали некогаш сте се запрашале за врската помеѓу славните автори и градовите кои биле нивна инспирација за создавање на најпознатите книжевни дела? Ние направивме мал список на дел од нив.
Санкт Петербург, Русија
Како што можеме да увидиме од неговите дела, Достоевски бил особено приврзан за Санкт Петербург. Во романот „Злосторство и казна“, главниот јунак на Достоевски, Раскољников, ги демне улиците како што правел и самиот писател најверојатно, вдишувајќи ги животот и смртта истовремено и црпејќи инспирација од градот. Градот бил инспирација и за други руски писатели, Така, на пример, Пушкин, најпознатиот руски поет, го нарекол овој град свој дом, а тука и починал во дуел на 37-годишна возраст. Посетителите можат да го посетат кафулето Literary Café каде го изел својот последен оброк како и резиденцијата на Достоевски каде славниот писател го напишал романот „Браќата Карамазови“.
Единбург, Шкотска
Единбург послужил како инспирација за повеќе од 500 романи како и стиховите на националниот поет на Шкотска, Роберт Бернс. Традицијата е клучен збор за Единбург, но голема улога игра и неговиот модерен дух, па така истовремено се слават Бернс и современите писатели како Јан Ранкин. Делото на Ранкин се слави преку пешачки тури и локации кои му се омилени на неговиот протагонист, инспекторот Ребус. Градот може и да се пофали и со музеј на писателите.
Париз, Франција
Париз долго време бил едно од најзначајните собиралишта на писателите, уметниците и сите авангардни ликови. Француските писатели Виктор Иго и Оноре де Балзак се прославиле овде. Да не ги заборавиме и доселените книжевни генијалци како Оскар Вајлд, Хемингвеј и Џорџ Орвел кои твореле во Градот на светлината.
Даблин, Ирска
Уживајте во Даблин додека чекорите по стапките на неговите великани како Џејмс Џојс и Вилијам Батлер Јејтс. Енергијата на градот е подеднакво привлечна за посетителите и денес исто како што била во минатото. Имено, за историската слава на градот сведочи познатиот средновековен ракопис, Книгата на Келс, кој се чува во библиотеката на колеџот Тринити.