Написите дека Демократската унија за интеграција (ДУИ) се „мољака“ – ВМРО ДПМНЕ да ги земе во коалиција, или како што изјави Арбен Таравари дека „просјачат“, според политичките аналитичари, се потврдија ноќта кога се понудиле и дигна два прста за Христијан Мицкоски и ВМРО ДПМНЕ да има двотретинско мнозиство.
– Текстовите дека ДУИ се мољака – ВМРО ДПМНЕ да ги земе во коалиција или како што напиша Таравари дека просјачат, искрено мислев дека е шпекулација и дека Али Ахмети нема да си дозволи такво нешто. Ноќта кога се понудиле и дигна два прста за Мицкоски да има двотретинско мнозиство потврди дека било вистина. Стравот дека заканите од ВМРО ДПМНЕ дека се до гуша во криминал и ќе завршат во затвор ги избезуми некогашните борци за слобода и стварно било дека питачеле. Колку бедно каков крај на Ахмети, бедно навистина бедно, изјави за „Фронтлајн“, Ацо Кабранов – новинар и политички аналитичар.
Според него, првенците од некогашната УЧК (ОНА) на чело со Ахмети од херои станаа исплашени глувчиња дека ќе одговараат за се што украдоа во 20-те години владење.
– Не верувам дека поддршката за двотретинско мнозиство не е некаква коалиција со новата власт само купија некој месец до денот на одговорноста за криминалите, подвлече нашиот соговорник.
Од друга страна, правникот Ќенан Алиу вели дека логично да се поддржи еден ваков проект за реорганизација и реформа на владата – политички и правно е повеќе од гласање за формирање влада, бидејќи за овој закон потребни се 2/3 од гласовите, додека за гласање на влада 61.
– Несомнено се крие нешто поголемо од оправдувањето што го даваат во врска со една комисија што ќе се формира, дури се велича за пропаганда пред членството како нешто големо, додека всушност оваа поддршка е повеќе за да и се наметне на ВМРО ДПМНЕ од различни причини, вели Алиу за „Фронтлајн“.
Од ДУИ во опозиција, до ДУИ близу Христијан Мицкоски!
Иако од ВМРО-ДПМНЕ тврдеа дека нема да има соработка со ДУИ и дека ќе одговараат за криминал, сепак поддршката за овој прв закон предложен од Христијан Мицкоски дојде токму од нив, кога по средбата меѓу пратениците на двете страни, постигнат е меѓусебен договор.
– Успеавме да не потклекнеме на принципот на уцени туку да се договориме врз основа на политички конкретен дијалог. Ќе се формира Комисија која што ќе биде надлежна за следење на состојбите за примената и постапката кон етничките заедници во рамки на институциите, изјави Марија Митева, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
Пратеничката и кандидат за претседател на СДСМ, Славјанка Петровска, поддршката на ДУИ за законот за реорганизација на Владата ја нарече длабока загуба за новото парламентарно мнозинство.
– Каде сте “патриотчиња”? Каде сте, кај отидовте? За вас плаче… На власт се, не ги барајте. ДПМНЕ + ДУИ. Попоразителен пораз за ова парламентарно мнозинство не можевте да имате. За само 10 дена три пати си го погазивте зборот. Нели ќе го укинувавте балансерот? Мицкоски знаеше за оваа средба? Прашувам затоа што на 8 мај 2024 година Христијан Мицкоски вели Македонија победи, СДСМ и ДУИ одат во опозиција, рече Славјанка Петровска.
Блерим Беџети од Европскиот фронт, вели дека ад-хок комисијата ќе ја разгледува правичната застапеност како дел од Рамковниот договор.
– Би посакал оваа ад-хок комисија за која што ние денеска се договоривме околу ова и во периодот во кој што ќе биде формирана таква комисија и да го проследиме овој сегмент кој што извира од Охридскиот договор за да биде разгледувана правичната застапеност, изјави Беџети.
По изгласувањето на законските измени за реорганизација на министерствата, од коалицијата ВЛЕН велат дека ДУИ покажа дека може да биде конструктивна опозиција.
– Добро е што дел од ДУИ на прашањето за реорганизација на министерствата покажа дека може да биде и конструктивна опозиција, соопшти ВЛЕН. После бојкотот на гласањето за Африм Гаши заедно со Левица, ова е мал исчекор кон прифаќање на реалноста. Закон за правична застапеност на етничките заедници во органите на државна управа е дел од коалицискиот договор меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН, кој ќе содржи механизми кои ќе го заменат балансерот во разумен рок, се наведува во соопштението на коалицијата ВАЛЕН.
Од ВЛЕН ја поздравија и иницијативата за формирање ад хок парламентарна комисија за контрола на законодавната власт над извршната власт.
– Формирањето на ад хок собраниска комисија предводена од опозициски пратеник е добар чекор во зајакнување на контролата на законодавната врз извршната власт. ВЛЕН изразува задоволство што нашите апели кај некои пратеници на ДУИ вродија со плод. Ниту една лична кариера не е поважна од сигурната иднина на Албанците во ЕУ. Новата организација на Владата ќе овозможи поголем степен на ефикасност во реализација на заедничките програмски цели, што е во интерес на сите граѓани на Северна Македонија“, стои во соопштението на ВЛЕН, наведуват од коалицијата ВЛЕН.
Несогласувања во Европскиот фронт?
Законот за организација и работа на органите на државната управа (ЗОРОДУ) со кој се отвори пат кон трансформација на ресорите во идната Влада која наместо досегашните 16 ќе има 20 министерства доби поддршка од пратениците на ВМРО ДПМНЕ, коалицијата ВЛЕН, партијата ЗНАМ, како и од дел од Европскиот фронт, бидејќи Алијансата за Албанците крилото на Зиадин Села и партијата ПОПУЛИ (НАРОДОТ) на пратеникот Скендер Реџепи не ги гласаа измените. Против законот гласаа пратениците на СДСМ и Левица.
Партнерот на ДУИ во Европскиот фронт, Алијансата за Албанците – крилото на Зиадин Села, иако беше на средбата, не беше убеден да го смени ставот против реорганизација на владата. Четворицата нивни пратеници не гласаа.
– Остануваме во Европскиот фронт, нашиот претставник беше на средба со ВМРО-ДПМНЕ, но ја одржуваме нашата автономија и сметаме дека не треба да го поддржуваме законот, изјавија од таборот на Села.
За време на гласањето на законот, и другиот партнер на ДУИ во Европскиот фронт, пратеникот Скендер Реџепи – Зејд од партијата ПОПУЛИ не беше во Собранието.
-Не бев ниту во собрание – ниту на гласање, изјави Реџепи.
Од 16 до 20 министерства!
Со предложениот закон за реорганизација на министерствата Владата ќе има 20 министерства од досегашните 16. Некои ќе се реорганизираат, некои ќе бидат нови, а повеќето агенции ќе бидат отстранети бидејќи ќе бидат префрлени во министерства.
Измените предвидуваат на Министерството за економија да се додаде сегментот труд, а досегашното Министерството за труд и социјална политика ќе биде министерство за социјална политика, демографија и млади. Министерство за спорт ќе ја наследи Агенцијата за млади и спорт, а дел од надлежностите на министерството за економија во делот на рударството и енергетиката ќе бидат дел од надлежностите на ново Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини. Ингеренциите за туризмот ќе ги има ново Министерството за култура и туризам, ќе се формира Министерство за дигитализација кое ќе го наследи досегашното Министерство за информатичка технологија и администрација и ќе се формира Министерство за администрација.
Дестан Јонузи