Александар Прокопиев, прозаист, поет, есеист, неуморен трагач по одговорите на недофатливите прашања, човек кој децении наназад нѝ дарува импресивни книжевни дела. За некои од нив и Балканот, и светот знае. Преведни се на повеќе јазици, наградени се со престижни награди. Прокопиев е сиот свој живот на јавната културна сцена, бил дел и од алтернативниот театар и музичката сцена во поранешна ЈУ, па и како текстописец, некогаш и стрип креатор, а годиниве наназад предава на докторските културолошки студии при Институтот за македонска литература во Скопје. Повод за разговор со овој сестран човек, секогаш има.
Господине Прокопиев, зад Вас е завидна бројка на книги – романи, збирки раскази, навистина огромен број на колумни, есеи, научни истражувања, учества на разни домашни и меѓународни семинари, книжевни фестивали. Денес, кога ќе ја завртите главата наназад, што гледате? Успешен писател кој поминал разно-разни општествени, политички, културолошки превирања и се адаптирал на тоа, писател којшто се посветил исклучиво на книжевноста без да го допираат надворешните фактори, човек којшто е задоволен од изборот на професијата или едноставно, не се осврнувате на минатото?
Едно од поважните прашања, што си го поставувам не толку ретко, е – дали сѐ уште се имам? Дали во сите тие животни сокаци сум ја задржал својата духовна и емотивна функционалност? И веднаш, во доцните ноќни часови, потсмевнато заспивам зашто сѐ уште не сум имун на такви прашања. Но можеби затоа што постојано си измислувам предизвици за мојата фантазија, сѐ уште се трудам да ја задржам својата креативна љубопитност, што за човек што пишува е извонредно важна. Иако, нормално, ме радува секој одглас од читателите, од критиката, од друга страна, не ме интересира втоличувањето на некое општествено седало, едноставно, мисловно, а и физички, јас сум подвижен човек.
Што е за Вас успех? Дали е тоа миговна ситуација, дали е тоа долгогодишен и дисциплиниран континуитет во креативниот процес, дали е успехот конечен кога ќе се искачите на врвот на планината, или моменталниот процес на работа?
Сѐ уште се качувам… Но, како што кажав, не го сфаќам успехот толку како јавна награда, туку како признание на себе си, онака хедонистички, „е ова добро си го направил“. Предизвикот најмногу го чувствувам во процесот на создавањето, книга пред сѐ, но и на секој креативен проект, оттаму во животот сум се занимавал и со рокенрол, алтернативен театар, сценарија за анимиран театар, стрипови, квизови… како потребно освежување на основната книжевна дејност. Оттаму, со своите постдипломски студенти во Институтот за македонска литература се трудев да ја достигнеме атмосферата на своевиден перформанс, низ истражувачки дијалог во непрегледните области на знаењето. Во најавата на разговорот, би сакал да се самоопределам и како доживотен студент и читател.
Од денот кога дедо ми со пајтон ги зема мајка ми и бебето Сашо од Градската болница и ги донесе во семејната куќа во Пајко маало (на место на денешната бела пирамида на македонската Опера и Балет) па до влезот во осмата деценија од животот, именувањата на мојата матична држава, како и карактерот на мојот роден град, се менуваа со брза брзина.
Нашата земја (актуелен израз), Северна Македонија, ФИРОМ, поранешна Социјалистичка република Македонија… Вие живеете на исто место целиот свој живот, а земјата во којашто живеете го менува името. Ви значи нешто тоа?
Од денот кога дедо ми со пајтон ги зема мајка ми и бебето Сашо од Градската болница и ги донесе во семејната куќа во Пајко маало (на место на денешната бела пирамида на македонската Опера и Балет) па до влезот во осмата деценија од животот, именувањата на мојата матична држава, како и карактерот на мојот роден град, се менуваа со брза брзина, па кога тоа им го кажувам на пријателите од Европа (кои се главно од уметничкиот свет, но со јасна граѓанска свест) сите тие се вчудоневидени како е можно толку и такви клучни промени да се случиле за само половина век. И како тоа сме дозволиле да се случи. Иако би можел да возвратам дека во тој период и во нивните држави и главни градови гледам, од аспект на посетител, натрупување на сериозни проблеми, во споредба со нашиве, тие ми се чинат многу помалку заканувачки. Како оној со негирање без прездив на името, идентитетот и јазикот, што пак, изродија низа општествени, мафијашки изопштености во самата држава.
Чинам секој писател, секој уметник, не може да ја апстрахира реалноста којашто го опкружува. Па, оттаму, колку е таа присутна во Вашите дела? И каква е таа реалност?
Општо познат културолошки факт е дека во смутните времиња се создаваат многу интересни автори, уметнички дела и движења. Стварноста во својата нападна гротескност и грубост како да предизвикува содржински и формални иновации. На пример, книжевните автори што ги љубам, меѓу кои Кафка, Томас Ман, Булгаков…, ги создавале своите ремек-дела токму во такви времиња. Руската авангарда, многу плодоносни „изми“, латино-американската проза…, сите тие се судриле во историска, но и во приватна смисла, со таков тежок, збркан политичко-социјален контекст. Секако дека за конечното резиме за вредноста на делото од исклучителна важност е индивидуалниот талент на уметникот, како тој ќе ја „прочита“ реалноста, а при тоа да не дозволи таа реалност да ја зароби неговата уметничка сила.
Интересен момент во Вашите истражувања за мене е темата „Феноменот љубов и неговите креативни импликации во јужнословенските литератури“, но „феноменот љубов“ генерално е Ваш лајтмотив. Во ова време на себичност, ниско ниво на емпатија, нарушени меѓучовечки односи на секое поле, па и во креативните кругови што е апсурд, според мене, како да ја вратиме силата на љубовта да го покрие колективниот гнев?
Темата ја покренав одамна, во последната деценија на минатиот милениум, кога во балканскиот простор почнаа да се случуваат страшни настани што секавично ги менуваа судбините на балканските жители. На симпозиумот што се одржа во богато нијансираната моличка убавина на Пелистер се собраа повеќе од четириесетина културолози, социолози на уметноста, книжевни критичари и теоретичари и по некој писател од речиси сите балкански држави аргументирано да ја слават моќта на Љубовта и Еросот. Сликите од меѓусебното дружење и сплотеноста на душата на природата со човечкото дружење во прво лице се еден од скапоцените докази во мојот животен проток дека анахат принципот на љубовта е моќен сојузник против насилствата на алчната саможивост.
Општо познат културолошки факт е дека во смутните времиња се создаваат многу интересни автори, уметнички дела и движења. Стварноста во својата нападна гротескност и грубост како да предизвикува содржински и формални иновации. На пример, книжевните автори што ги љубам, меѓу кои Кафка, Томас Ман, Булгаков…, ги создавале своите ремек-дела токму во такви времиња.
Професор сте во Институтот за македонска литература. Ја чуваме ли нашата литература, ја негуваме ли како што тоа го прават некои други народи, како зеница во окото?
Во чувањето на вредните дела и автори во една национална литература се надополнуваат два важни фактори – преиздавањето и превреднувањето. Првиот е во надлежност на културната политика и свесните издавачи, кои мораат да се снаоѓаат со изнасилената комерцијализација на книгата, кога, по таа пазарна логика, се прогласуваат и се рекламираат, со невкусни епитети, ткн. хит-изданија, дела со скромни книжевни вредности. Освен тоа, се зголемува продукцијата, се намалува читателството. Од Македонија, на пример, голем број млади, добри читатели заминаа од државата во потрага по подобар живот. Вториот фактор, повторното читање на книжевните дела на Јаневски, Солев, Петре Андреевски, Михајловски, Владова…, може да изненади со новооткриените можности да се излезе од предолго конзервираните литературни стандарди во нивното толкување. Но, поткрепата на вредната литература не може да се замисли без воспоставување на критериуми за квалитетите на творечката имагинација поткрепени од општочовечки, архетипски хранилишта. Не може литературата да се вреднува со провинцијални критериуми!
Кој е Вашиот следен предизвик, што пишувате, на што сте сега фокусирани?
Предизвици постојано имам, или ги барам, или се внесувам во нив. Од оние што верувам брзо ќе се случат, а во кои учествувам како (со)учесник Ви ги наведувам само насловите: „Алманах“, „Збогум младост моја“, „Вештачката интелигенција, културниот идентитет и личноста“, што кога ќе се уверодостојат, ќе донесат радост и разбирање. Од подолготрајниот проект, следната книга, исто така го откривам насловот – „Портрети“, и можам да посакам дел од возбудата што ме обзема додека ја пишувам да ја почуствуваат идните читатели. Но, тоа си е нејзина работа!
ТИНА ИВАНОВА