Пишува: ЏАБИР ДЕРАЛА
Национализмот и омразата се одлични алатки за манипулација. Со мали инвестиции во пропагандата, лесно се постигнуваат одлични резултати – доаѓање и одржување на власт. Со употреба на националистички и поларизирачки наративи во јавната комуникација може лесно да се префрли одговорноста за неуспешните политики на „другите“.
Како се прави тоа? Замаглување на фактите, манипулација со емоциите, комбинирање на полувистини со целосни лаги, дезинформации и обемно користење на обично медиумско ѓубре (сензационализам) во јавноста, говор на омраза и систематска дискредитација на неистомислениците (читај: предавниците) – се само дел од пропагандните алатки со кои може да се постигнат одлични и видливи резултати.
Дали ова е тешко и прескапо? Не. Колку и да се скапи (а скапи се) овие операции, профитот е секогаш неспоредливо поголем, така што секогаш се исплаќа да се вложи во ширење националистичка омраза. Значи, освен пари, потребни се добар систем, редовност, долготрајност и внимателно дозирање (интензитет) на пропагандните наративи.
Анализите на изборниот процес што ги изработува ЦИВИЛ покажуваат дека национализмот е еден од трите клучни фактори за изборните резултати – парламентот стана место каде што целосно доминираат националисти и радикали. СДСМ практично потона и пред да започне изборната битка. Коалициите Европски фронт на ДУИ и Вреди се во беспоштедна битка да докажат кој повеќе ги претставува интересите на Албанците во земјата, не затоа што не можат и двете да ја имаат таа улога, туку околу тоа која од нив повеќе заслужува да биде учесник во власта.
Во овој контекст, еден долго занемарен, а во суштина клучен наратив е оној за пропорциите на освоени места во парламентот, а тоа е „дајте ни гласови за да освоиме 61 пратеник, за да не може никој да нѐ уценува“. Или и директно: Потребен е 61 пратеник, да не бидеме уценети од Албанците. Тој наратив не му е туѓ ниту на СДСМ, а секогаш се подразбирал кај ВМРО-ДПМНЕ.
Што значи тоа? Учеството на Албанците во власта не се третира како принцип на правична застапеност на етничките заедници во власта и институциите, туку како уцена!
Цената на национализмот е висока, но тие што се на врвот на политичкиот естаблишмент и олигарсите не се засегнати со тоа. Цехот го плаќаат обичните луѓе од сите заедници.
(продолжува, за жал)
Текстот е личен став на Авторот | ЦИВИЛ МЕДИА
За претходните дози еспресо, КЛИКНЕТЕ ТУКА.