Санела Шкријељ во објава на Фејсбук ги коментира предлозите за новите министри во Владата, што вчера ги соопшти претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
„Можеби бројот на министерства се зголемува, но бројот на министерки во владата (кој и така не беше за пофалба) се намалува. значи не е дека нема намалувања. И нормално сега ќе го слушаме муабетот дека најважен бил квалитетот и капацитетот и што да прават мажите кога ете така се раѓаат природно капацитетни за високи функции. Срцки они“, истакнува Шкријељ.
За Иван Стоилковиќ – предлог министерот за односи меѓу заедниците, таа нагласува дека е „особено додадена вредност: негатор на геноцид, отворен поддржувач на руската агресија врз Украина, на иста линија со Путин“.
Како што соопшти Мицкоски вчера, највисоките партиски тела на ВМРО-ДПМНЕ предлагаат: министер за одбрана да биде Владо Мисајловски, министерка за финансии Гордана Димитриевска-Кочовска, министер за внатрешни работи да биде Панче Тошковски, за надворешни работи Тимчо Муцунски, а за транспорт и врски потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски, кој ќе биде и вицерпемиер. Министер за Локална самоуправа, Златко Перински. Сања Божиновска е предложена да го води новото министерство за енергетика, а Весна Јаневска да биде министерка за образование и наука. За министер во Министерството за дигитална транзиција се предлага Стефан Андоновски, во Земјоделство – Цветан Трипуновски, во Култура и туризам – актерот Зоран Љутков, во новото министерство за спорт министер да биде Борко Ристовски, а Љупчо Димовски од Социјалистичката партија да биде министер без ресор, задолжен за политички систем, Иван Стоилковиќ заменик претседател на владата задолжен за ресорот Односи меѓу заедниците и Шабан Салиу министер без ресор задолжен за интеграција и имплементација на декадата на Ромите.
Во владата, која е реорганизирана со законски измени усвоени во Собранието, и ќе има 20 министерства, ќе учествуваат претставници на коалициите „Твоја Македонија“, „Вреди“ и од партијата ЗНАМ.
Собранието на партијата Беса на Биљал Касами, која е дел од коалицијата „Вреди“, на состанок во четвртокот одлучи за членови во новата Влада да ги кандидира Фатмир Лимани – за министер за социјална политика, демографија и млади, Бесар Дурмиши – за министер за економија и труд и Седат Сулејмани за заменик-министер за култура и туризам.
Централното претседателство на Алтернатива, пак, синоќа го избра Орхан Муртезани за нивни кандидат за министер за европски прашања, Лулзим Алиу за кандидат за заменик-министер за образование и наука и Сафије Садики-Шаини за заменик-министер за политички систем и односи меѓу заедниците. Досегашниот лидер на оваа партија, Африм Гаши, е претседател на Собранието.
Од другите партнери во коалицијата „Вреди“, според изјави во медиуми, извесно е дека лидерот на Демократско движење, Изет Меџити, ќе биде прв вицепремиер и министер за екологија, а лидерот на Алијанса за Албанците Арбен Таравари – министер за здравство.
На седница на партискиот Централен одбор, Движењето ЗНАМ – За наша Македонија во петокот ги утврди своите кандидати со кои ќе партиципира во владата – Игор Филков е нивниот кандидат за министер за правда, а Горан Минчев – кандидат за министер за јавна администрација.
Од партијата на Максим Димитриевски соопштија дека преговараат и за две заменик министерски места, но ресорите не се дефинирани, а од нивните редови е еден од тројцата потпретседатели на Собранието – пратеничката Весна Бендевска.
Прв закон усвоен по конституирањето на новиот парламентарен состав беше за реорганизација на владата (измени и дополнувања на Законот за организација и работа на органите на државната управа) донесен на 8 јуни, со што се создадоа услови за формирање на новата влада.
Бројот на министерства се зголемува од 16 на 20 бидејќи се воведуваат нови: Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини; Министерство за спорт; Министерство за дигитална трансформација и Министерство за европски прашања – кое досега беше на ниво на секретаријат.
Надлежностите/секторите на некои министерства се пренесуваат во други, така што ќе имаме Министерство за економија и труд; Министерство за социјална политика, демографија и млади; Министерство за култура и туризам.
Новата влада треба да биде формирана пред истекувањето на рокот од 20 дена кој почна да тече од 6 јуни, кога претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски му го додели мандатот за формирање на Владата.
Ј. Ѓ.